Долгогодишното вложување во кинеската железничка инфраструктура го крена капацитетот на возовите да транспортираат по 20 милиони луѓе дневно. Се проценува дека вкупниот број на патувања надминал 1 милијарда во 40-дневниот критичен период, кога работниците од крајбрежните градови и индустриските центри се враќаат кај своите семејства за да ја пречекаат заедно лунарната нова година – најважниот празник во Кина.
Патувањата спроти Годината на коњот е најефикасниот и најбрз досега во Кина. Три четвртини од сите патувања со воз биле со експресните сребрени возови со брзина од над 200 километри на час. Некои, за да заштедат, се решиле за поевтините „зелени“ возови, но патувањето со нив трае и по 30 часа.
Својата прва брза пруга Кина ја отвори во 2003 година. Во декември 2025 мрежата надмина 50.000 километри, повеќе отколку сите други брзи пруги во светот заедно. Европа, за споредба има 8.500 километри. Кинеската мрежа веќе поврзува 97% од градовите со повеќе од половина милион жители.
Возовите се брзи, прилично точни и сè полесно се резервираат преку мобилни апликации. Операторите го следат интересот и во шпицот додаваат дополнителни вагони.

Ли, работничка од Пекинг, објаснува дека за само осум часа со воз ќе помине 1.500 километри до Сечуан, а потоа со автобус лесно ќе стаса до своето село. Порано патувала 20 часа со воз.
Железничкиот развој го надгледува огромно државно претпријатие кое управува со мрежата и финансира пробивање нови линии. Планира да вложи 75 милијарди долари во нови проекти само во текот на оваа година. До 2035 година треба да бидат изградени уште 20.000 километри брза пруга.
Брзата експанзија создава и непланирани проблеми. Возовите до некои изолирани места во внатрешноста немаат доволно патници. Студија на Џон Гибсон, економист од Универзитетот Ваикато во Нов Зеланд, откри дека доаѓањето на брзите железници го попречува растот во ретко населените области, наместо да им помогне.
Брзите возови им помагаат на луѓето побрзо да се иселат, предупредува Гибсон.
******
Види и: Кина поврза 97% од градовите со супербрзи возови