Иницијатива за општо укинување на задолжителните вакцинирања во САД

Граѓанско здружение во САД бара да бидат укинати сите мерки што го нарушуваат правото на слободен медицински избор на пациентите, вклучувајќи ги и задолжителните вакцинирања и носењето заштитни маски. Сојузните држави сега имаат сопствени политики, кои често пати се судираат. Во некои веќе се предложени закони за заштита на правото на избор.

Како модел за заедничката иницијатива на 15 граѓански организации е сојузната држава Ајдахо, која лани со закон им забрани на бизнисите и училиштата да ги принудуваат вработените и учениците да примаат вакцини или да бидат подложени на какви било други медицински процедури.

Ајдахо, повеќе од која било друга држава во земјата, се залага не само за медицинска слобода, туку и за здраво население, изјави министерот за здравство Роберт Кенеди Јуниор на свеченото потпишување на Законот за медицинска слобода.

Министерот Кенеди неодамна забележа дека лично не е вклучен во напорите за укинување на задолжителните вакцини во училиштата, но го повтори својот став дека вакцинацијата треба да биде „личен избор на пациентите заедно со нивните лекари“.

Законот за медицинска слобода во Ајдахо забранува какво било одбивање услуги, пристап или превоз на лица врз основа дали тие примиле вакцини или користеле медицински интервенции. Мерката сепак се судира со друг закон, кој ги обврзува родителите да ги вакцинираат своите деца против одредени болести, како услов да бидат примени во градинка или училиште.

Во сите сојузни држави во САД се бара потврда за вакцинирање заради запишување во училиште. Некои дозволуваат исклучоци од религиозни или филозофски причини, додека сите дозволуваат медицински исклучоци. Општиот закон би елиминирал такви судири.

Законот за проширување јасно ќе дефинира дека вакцинацијата е доброволен, личен и приватен избор за родителите и учениците, а не задолжителна мерка, изјави конгресменот Роб Бејсвенгер, еден од спонзорите на иницијативата.

Во Аризона и Хаваи во постапка на усвојување се предлог-закони со кои им се забранува на бизнисите и училиштата да бараат потврда за вакцинирање како услов за вработување или запишување во училиште. Њу Хемпшир предложи закон за укинување на задолжителна имунизација на децата. Во Индијана е предложен проширен закон, со кој се забрануваат барањата за „прифаќање, подложување или вклучување во медицинска интервенција на луѓе како услов за вработување, влез, прием, компензација, бенефиции или учество“.

Некои држави одат во спротивна насока. Марџи Брајт Метјуз, сенаторка од Јужна Каролина, неодамна предложи закон со кој ќе се укинат ослободувањата од вакцинација против мали сипаници врз основа на религиозни ставови. Јужна Каролина е погодена од епидемија на мали сипаници.

17 февруари 2026 - 11:11