Цензорите го кастрираа Витрувиевиот човек

Пет века никому не му пречела голотијата на Витрувиевиот човек кој ги отцртува идеалните пропорции на човековото тело. Телевизиските цензори сега со еден потег на дигитална гумичка го масакрираа ова светско културно наследство - му ги избришаа гениталиите „за да не се навредат гледачите“. Не е битно што така го навредуваат целиот цивилизиран свет.

Не е случајно што првата слика во шпиците за Зимските олимписки игри во Кортина и Милано е Витрувиевиот човек на Леонардо да Винчи: ремек-делото со кој ренесансниот гениј се обидел да ги претстави идеалните пропорции на човечкото тело во однос кон небото и земјата (квадратот и кругот). Во монтажата тој идеално се трансформира во тела на лизгачи, скијачи и други спортисти.

Сепак, мал но многу битен детаљ ја уништува приказната. На екраните е прикажана редактирана верзија на Витрувиевиот човек, со избришани гениталии.

За Италијанците, бришењето на пенисот и тестисите од Витрувиевиот човек не е само класичен пример за цензура, туку и лична навреда и национален срам.

Демократската партија, главната опозициска сила во земјата, го прозива министерот за култура Алесандро Џули да одговори дали националниот радиодифузер РАИ добил насока или дозвола од владата да го масакрира ремек-делото, кое е дел од светското наследство.

Витрувиевиот човек не е каква било слика. Тој е еден од најпризнатите симболи на уметноста и на италијанската генијалност. Ова е јасна навреда, соопшти партијата. 

РАИ ги отфрла критиките и ја префрла одговорноста врз службите на Меѓународниот олимписки комитет, кои се одговорни за содржините од игрите. 

Сликата е дел од графички пакет обезбеден на идентичен начин како и сите радиодифузери ширум светот. Сите што ги откупиле правата се обврзани да ги емитуваат содржините според заедничките меѓународни стандарди, соопшти РАИ.

Прописите на Меѓународниот олимписки комитет наведуваат дека е строго забрането прикажување „експлицитната сексуална содржина“.

Некој во продукцијата мислел дека отстранувањето на машките гениталии е (бизарен) начин да се биде поинклузивен кон жените. И кутриот Олимписки човек така се претвори во кукла Кен, забележува Кориере дела сера.

14 февруари 2026 - 11:22