Свет

Европа победи на изборите во Молдавија

Проевропската партија ПАС победи на парламентарните избори во Молдавија, кои беа оценети како клучен тест дали поранешната советска република со 2,4 милиони жители ќе продолжи се движи кон Брисел или кон Москва. Русија беше обвинета дека се меша во изборите, но и другата страна објави многу аргументи што ја оспоруваат легитимноста на изборите.

Нетанјаху прифаќа амнестија за Хамас

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прв пат ја прифаќа идејата за амнестија на терористите од Хамас, ако ги ослободат израелските заложници и заминат од Газа. Досега инсистираше на целосно уништување на Хамас и ликвидирање на лидерите. Новиот американски план предвидува и воспоставување палестинска држава. Но, за да има мир планот треба да биде прифатен и од Хамас.

Хакери уценуваат родители со украдени податоци за 8.000 деца

Кибернетска банда упаднала во синџирот градинки Кидо и украла најчувствителни податоци за повеќе од 8.000 деца во Британија, САД и во Индија - имиња, фотографии и адреси. Криминалците велат дека имаат и информации за родителите и старателите на децата. Ги користат за да ги уценуваат родителите да платат откуп. Полиција ги советува родителите никако да не плаќаат.

Дупки во европскиот ѕид против дронови

По низата неразјаснети нарушувања на воздушниот простор и сомнителните и се уште неидентификувани летала над аеродромите, ЕУ се согласи да ги забрза и да ги засили плановите за изградба на „ѕид“ против дронови. Во оваа нова линија на одбрана може да останат дупки, исто како во Мажино, која хитлеровите сили пред речиси еден век едноставно ја заобиколија.

Стармер ги заострува мерките за мигрантите

Британскиот премиер Стармер призна дека лабуристите воделе лоши политики за миграцијата. Дури и за време на неговиот мандат, партијата била слепа за јасната загриженост на граѓаните во однос на нелегалната миграција. За да го промени тоа, воведува дигитална лична карта, која ќе ги спречи мигрантите да работат на црно. Британците се плашат дека ќе им ги загрози граѓанските слободи.

Мајкрософт му одзеде моќно шпионско оружје на Израел

На израелската војска ѝ е прекинат пристапот до напредната технологија на Мајкрософт со која секојдневно снима милиони телефонски повици на Палестинците од Газа и од Западниот Брег. Иако се наведени технички причини, одлуката е последица на притисокот од вработените и инвеститорите, кои не сакаат да дозволат Мајкрософт да биде соучесник во геноцидот во Газа.

Блер се мести за премиер на повоена Газа

Сер Тони Блер лобира да раководи со привремената влада на Газа што би била формирана кога ќе заврши војната. Веќе добил поддршка од Трамп за „да го жртвува своето скапоцено време“. Навистина е скапоцено. Неговата тарифа за политички говор се движи од 200.000 до 300.000 долари. А, неговиот институт беше вклучен во проектот за претворање на Газа во луксузна „ривиера“.

Трамп попусто се гребе за Нобел?

Наспроти огромните напори и лобирања на Трамп да ја добие Нобеловата награда за мир, како круна на неговите мировни напори и „запирањето на седум војни“, историчарите, букмејкерите, па и мнозинството Американци се убедени дека не ја заслужил и нема да ја добие. Но, не решаваат тие, туку членовите на Норвешкиот комитет, кои не толку одамна му дадоа Нобел и на Барак Обама.

ЕУ ќе плаќа и свои долгови со руски пари

Брисел објави дека со низа финансиски и сметководствени финти успеала да најде „легален“ начин да грабне 175 милијарди евра од руските заробени средства. Главнината од 130 милијарди ќе ги префрли во „Заемот за репарација“ за Украина, а со рестото ќе ги плати сопствените обврски од заемот за Украина што го договори со Г-7. Киев ќе го враќа долгот кога ќе добие воени репарации од Русија.

Данска му се извини на Гренланд за присилната контрацепција

Во кампања за десеткување на популацијата на Гренланд, дански лекари им вметнувале контрацептивни спирали на илјадници жени, без да ги известат. Меѓу жртвите имало и голем број малолетни девојчиња. Организираната практика прекинала во 1970 година, но била применувана и од локалните власти кога ја презеле контролата врз здравствениот систем. Сега се извинуваат.

На младите Грци не им се мрда од кај мама и тато

Грците и Хрватите не се баш млади кога ги напуштат родителите и формираат сопствен дом. Во просек тоа го прават кога ќе навлезат во четвртата деценија. Влијание за ова има силната традиција повеќе генерации да живеат во еден дом, но главната причина е поскапувањето на станбениот квадрат и кириите. Секое трето семејство во Грција троши за домување 40% од заработеното.

Гугл признава дека цензурирал под притисок од Бајден

Компанијата Алфабет, која ги управува Гугл и Јутјуб, призна дека попуштила од притисокот од поранешната администрација на Џо Бајден да цензурира содржини што не се вклопуваат во владините политики, особено за време на пандемијата и по претседателските избори во 2020 година. Сега им се извинува на блокираните корисници и ги моли да се вратат на платформите.

Масовен надзор на најјако во Лондон

Лондонската општина со најразгранета мрежа на CCTV камери ќе поставува нови и ќе ги надградува во вештачка интелигенција, за да можат да препознаваат лица во живо, да ги следат нивните движења и да ги чуваат податоците долго во базите. На камерите ќе бидат вградени и звучници, преку кои службите директно ќе може да им се обраќаат на минувачите. Се планираат и дронови.

Европа засилено го труе светот со забранети пестициди

Иако Европската комисија пред пет години забрани користење и извоз на долг список пестициди за кои оцени дека се претерано токсични, европските биотехнолошки корпорации за близу 50% го засилиле производството токму на забранетите хемикалии. Со нив ќе се запрашуваат фарми во САД, Бразил и низа други земји, а дел од отровите ќе се вратат во Европа преку увезената храна.

Признавањето на Палестина може да ја чини Британија 2.000 милијарди фунти

Одлуката на премиерот Кир Стармер официјално да ја признае Палестина отвора пат на палестинските власти да побараат репарации за штетата од британската управа пред еден век. Палестинскиот лидер Махмуд Абас отворено го побара тоа пред две години пред ОН. Сумата што треба да ја плати Обединетото Кралство експерти ја проценија на 2.000 милијарди фунти.

Милиони Германци не можат да платат струја

Одлуката на Берлин да се откаже од увоз на евтиниот руски гас поради војната во Украина ги принуди Германците да почувствуваат што значи да не може да се врзе крај со крај во месецот. Поскапувањето на енергијата, комуналиите и неочекуваните трошоци финансиски ги преоптовари домаќинствата, па на милиони Германци им останале неплатени сметки за струја и греење. 

Албански селанец: Дури и гангстерите избегаа во Англија

Селото Голај во северна Албанија е богато по вили, а сиромашно по луѓе. Од околу 4.000 жители, во Британија заминале речиси 60% од младите. Се враќаат секое лето за да се погрижат за старите, да се пофалат со лимузини или да градат вили. Многумина така ги перат фунтите од криминалот. Тоа ги прави горди нивните семејства, кои не прашуваат од каде им се парите.

Светот сака ремонтирани Обединети нации

Верувале или не, дури и Американците се согласуваат дека на светот му е неопходна глобална институција што би го одржувала мирот, би трасирала насоки за решавање на проблемите и би поттикнувала развој. Ама не како што тоа го прават Обединетите нации. ОН на 80 одамна се зрели за пензија, но упорно се обидуваат со политики од 1946 година да ги решаваат проблемите од 21 век.

Признавањето на Палестина е симболично перење на нечистата совест

Бранот признавања на палестинската држава нема да ги спаси од страдања Палестинците, зашто тој симболичен потег на големите европски земји е насочен кон нивната домашна јавност и треба да ја покрие нивната немоќ да реагираат на геноцидот во Газа. Признавање без решителни акции може да биде сурова пресуда за Палестинците: да имаат држава на хартија, а во реалноста да немаат територија.

За три четвртини од Американците, САД го изгубиле компасот

Убиството на десничарскиот активист Чарли Кирк, а и политичкото насилство воопшто, драматично ја намалиле довербата на Американците во правецот во кој тргнала нивната земја. Многу повеќе се разочарани републиканците, кај кои оптимизмот е речиси преполовен. Освен атентатот, ги загрижуваат и сигурноста на работните места, зголемените трошоци за живот и криминалот.

Трамп запнал американски трупи да се вратат во Авганистан 

Четири години по понижувачкото повлекување на американските сили од Авганистан, Доналд Трамп има намера да ги врати назад. Поради стратегиската локација и близината до Кина, фрлил око на базата Баграм, единственото парче земја што САД реално го контролираа во 20-те години окупација. Офицери предупредуваат дека враќањето би било тешко и скапо како нова инвазија.

Кина пробива нов Пат на свилата преку Арктикот

Кина тестира нова и потенцијално двојно побрза рута за бродски транспорт на стоки до Европа преку северните води. Тој пат повеќе од половина година е непрооден поради мразот, но Пекинг ја има на ум прогнозата дека климатските промени можат да го стопат мразот, па сака рано рано да стекне доминација. Преку Арктикот бродовите ќе патуваат 18 дена. Преку Суец пловат за 40.

НАТО, а не Русија, ја бомбардирал куќата во Полска

Проектилот што погоди куќа во Полска и низ медиумите беше претставуван како доказ за „дрскиот напад на Русија во првиот директен ангажман против членка на НАТО“, всушност била ракета истрелана од борбен авион на Алијансата. Додуша случајно, и немало жртви или повредени, но покрај куќата, уништена е и довербата во веродостојноста на извештаите за судирот со Москва.

Џими Кимел исклучен од етерот

Телевизиската мрежа ABC го суспендира шоуто на Џими Кимел поради коментари на водителот за убиството на десничарскиот инфлуенсер Чарли Кирк. На денот кога Кирк беше застрелан, Кимел на Инстаграм го осуди нападот и изрази сочувство до неговото семејство, но во понеделникот ја критикуваше МАГА дека настојува да го политизира убиството и ја исмеваше реакцијата на Трамп.