Постои легитимна причина да се води дебата за прашања како миграцијата. Таа отиде предалеку, беше деструктивна и дестабилизирачка и треба да се реши на хуман начин со безбедни граници, без мачење и убивање луѓе, изјави поранешната американска државна секретарка на дебата на Минхенската безбедносна конференција.
Хилари Клинтон сега прифаќа дури и кревање огради на границите на САД за да се спречи масовно влегување на нелегални мигранти, но смета дека не е неопходно да се изгради ѕид на целата јужна граница. Доналд Трамп не го изгради ѕидот што го ветуваше кога ѝ беше противкандидат на Хилари на изборите во 2016 година.
Откако ги изгуби изборите, Хилари продолжи остро да ги напаѓа неговите одлуки за миграцијата и тврдеше дека „ја влошил состојбата со сурови злоупотреби, притворајќи деца и одвојувајќи ги од нивните семејства“.
Ова е еден од најсрамните моменти во нашата историја, изјави Клинтон во 2018 година.
Во тоа време таа тврдеше дека строгите мерки на Трамп биле инспирирани од лабавата политика „отворени врати“ во однос на миграцијата, особено од тогашната германска канцеларка.
Се восхитувам на многу дарежливите и сочувствителни пристапи што ги презедоа, особено лидерите како Ангела Меркел, но мислам дека е фер да се каже дека Европа го направи својот дел и мора да испрати многу јасна порака: 'Нема да можеме да продолжиме да обезбедуваме засолниште и поддршка'. Ако не се справиме со проблемот со миграцијата, тоа ќе продолжи да го вознемирува политичкото тело, беше ставот на Хилари Клинтон.
Таа сега истакнува дека во времето на администрацијата на нејзиниот сопруг Бил Клинтон, а потоа и во двата мандати на Барак Обама, од САД биле депортирани повеќе мигранти отколку во мандатите на Трамп.
Во мандатите на Бил Клинтон беа депортирани над 12 милиони мигранти, а во времето на Барак Обама 5 милиони. Досега во вториот мандат на Трамп, Министерството за внатрешна безбедност тврди дека околу 3 милиони се депортирани, вклучувајќи 2,2 милиони „самодепортации“.