Германија разби голема мрежа за лажно полагање тестови за државјанство

На мигранти што оставиле сè и пристигнале во Германија заради попристоен живот, полесно им е да платат неколку илјади евра некој друг да им го положи тестот, отколку самите да го научат јазикот на земјата што ги прифатила и им дала шанса за просперитет. Полицијата разби мрежа за лажно полагање испити по германски, проширена низ целата земја.

Мигранти што не знаат германски преку посредници ангажирале лица што добро го владеат јазикот и, во зависност од ситуациите, им плаќале од 2.500 до 6.000 евра за да им ги полагаат испитите.

Организаторите на криминалната мрежа обезбедувале фалсификување на лични документи со податоци за мигрантите што треба да полагаат и фотографии со лицата што го прават тестот во нивно име. Испитните комисии не можеле да ја откријат измамата и издавале легални сертификати.

Измамата била откриена во октомври 2024 година и била следена за да се открие целата мрежа. Полицијата досега уапсила две лица - 39-годишен Ирачанец, кој бил главен посредник за мигранти во регионот на Северна Рајна-Вестфалија, како и 22-годишен германски државјанин, кој полагал тест во туѓо име. 

Идентификувани се уште десет лица што полагале испити за други. При претреси во Нирнберг и во Хам запленети се дискови со податоци, фалсификувани дозволи за престој и тестови за германски, како и голема сума во кеш, па и наркотици.

Полицијата забележува дека и порано имало случаи на фалсификување сертификати за познавање јазик, но ново е што мрежата била добро организирана и проширена низ целата земја. Баварски обвинители најавуваат „двоцифрен број истраги“.

Службеник опфатен со истрага изјавил дека преку платформата ТикТок отворено се нуди фалсификување сертификати. 

За да се аплицира за германско државјанство, мора да се претстави сертификат за положен испит за познавање на германски јазик од нивото Б1. Лицата за кои ќе се утврди дека со измама или фалсификат добиле право на престој или на државјанство, автоматски ги губат сите привилегии од стекнатиот статус. За потешки прекршувања на законот се покренува кривична истрага.

11 февруари 2026 - 13:28