Ветераните се ангажирани приватно, како воени платеници, и не ги претставуваат своите земји. Францускиот разузнавачки портал Intelligence Online забележува дека западните ветерани потпишале привремени договори со ротации од 6 месеци, со можност за продолжување. Тие не добиле официјални чинови во украинското воздухопловство и не се појавуваат на јавните списоци на персоналот.
Ескадрилата вклучува американски пилоти со големо борбено искуство од воената интервенција во Авганистан. Еден од пилотите до неодамна учествувал во операции на Блискиот Исток.
Холандските пилоти немаат борбено искуство, но поминале обука на елитни европски школи за воздухопловна борба и специјализирале модерни тактики на пресретнување и високотехнолошко воздушно војување.
Ескадрилата од украинските ф-16 секојдневно пресретнува руски крстосувачки ракети „калибр“ и X-101, како и беспилотни летала „Хера-5“. Американските ловци се користат и за дневни и ноќни патроли, за да се постигне максимална радарска покриеност и брза реакција при напад.
Западните пилоти, за разлика од украинските, имаат искуство со високотехнолошка опрема, како што е системот за извидување и идентификување на цели „Снајпер“. Системот произведен од „Локид-Мартин“ овозможува откривање на цели на големи растојанија, следење на ракети и беспилотни летала во темнина или облаци.
Уште во 2023 година, украинските Воздухопловни сили дозволија служба на странски државјани со потребната специјализација како пилоти или механичари, но досега немало официјален извештај за активно учество на пилоти од странство во воени операции.
Холандија, Данска, Белгија и Норвешка објавија дека ќе ѝ достават на Украина вкупно близу 80 борбени авиони ф-16. Нема информации колку точно се испорачани досега. САД, како производител, ја одобрија испораката и овозможуваат обука на пилоти и одржување на авионите.