Веб-страницата freedom.gov била регистрирана на 12 јануари. Таа, според извори на Ројтерс, ќе има вградена функција за пристап преку виртуелна приватна мрежа (VPN) за да се прикаже дека сообраќајот на корисникот кон забранетите содржини потекнува од САД. Активноста на корисниците преку порталот нема да се следи.
САД немаат програма за заобиколување на цензурата специфична за Европа. Сепак, дигиталната слобода е приоритет за Стејт департментот, а тоа вклучува и ширење на технологии за приватност и заобиколување на цензурата, како што се VPN-мрежите, изјави портпарол на Стејт департментот.
Уште пред вториот мандат на Доналд Трамп, владата на САД помогна за финансирање на комерцијални VPN мрежи и други алатки како дел од напорите за промовирање на демократијата на глобално ниво и помагање на корисниците во Кина, Иран, Русија, Белорусија, Куба, Мјанмар и други земји да пристапат до забранети информации.
Новиот проект веројатно уште повеќе ќе ги затегне односите помеѓу администрацијата на Трамп со Европа. Пристапот на Европа кон слободата на говорот се разликува од САД, каде што Уставот ги штити практично сите изразувања на ставови.

Американски функционери упорно ги осудуваат Законот за дигитални услуги на ЕУ и Законот за безбедност на интернет на Британија како средства за ограничувања на слободата на говорот, особено на десничарските политичари во Романија, Германија и Франција.
Потсекретарката на Стејт департментот Сара Роџерс, која е назначена да го води проектот, во изминатите неколку месеци посети неколку европски земји и се сретна со претставници на десничарски групи за кои администрацијата на Трамп тврди дека биле цел на европската цензура.
Регулаторите на ЕУ редовно бараат од порталите и социјалните платформи со седиште во САД да отстрануваат содржини, заканувајќи се со блокади и парични казни. Платформата Икс на Илон Маск во декември беше казнета со 120 милиони евра поради непочитување на регулативите.
Германија во 2024 година издаде 482 наредби за отстранување на материјал за кој регулаторите оцениле дека поддржува или поттикнува тероризам и ги принуди провајдерите да отстранат 16.771 содржини.