Баер со 7,25 милијарди замолкна илјадници луѓе со рак

Германскиот агрохемиски гигант Баер ќе плати 7,25 милијарди долари за да затвори десетици илјади тужби од луѓе што добиле рак од глифосатите во „Раундап“. Со оваа сума ќе ги покрие сите тужби до 2057 година. Ова му е како осигурување од многу поголема казна од случај пред Врховниот суд. А, адвокатите ги тешат пациентите со рак дека барем ќе добијат некаква отштета.

Баер ја презеде одговорноста за токсичните последици од Раундап кога во 2018 година го купи Монсанто, производителот на хербицидот. Во вонсудска спогодба во 2020 година Баер веќе плати 10 милијарди долари за да избегне тужби од пациенти од не-Хочкионов лимфом во следните четири години, но тој договор подоцна беше поништен.

Против Баер се поднесени околу 200.000 тужби поврзани со Раундап. Повеќе од 125.000 луѓе тужеле по 2015 година. До поротата стигнале многу малку случаи – 13 пати завршиле во полза за Баер, а 11 за тужителите.

Новиот договор треба да ги покрие сите тужби до 2057 година. Баер веќе поднесе барање до Врховниот суд на САД да ги отфрли сите тужби, тврдејќи дека одговорноста е на Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА), која дала дозвола Раундап да се продава без да се истакне јасно предупредување. Компанијата ги оспорува тврдењата дека глифосатот, клучната состојка на Раундап, може да предизвика не-Хочкинов лимфом, а се жали дека судските трошоци му го загрозуваат капацитетот да го продава хербицидот на земјоделските пазари.

Завршното изложување аргументи пред Врховниот суд е закажано за во април и правни експерти проценуваат дека „пресудата 80% ќе биде во полза на Баер“.

Спогодбата е начин на кој Баер би го елиминирал ризикот од повисока парична казна при евентуалната негативна пресуда. Пациентите, пак, би биле сигурни дека ќе добијат пари од спогодбата дури и ако Врховниот суд пресуди во корист на Баер.

Ниедна спогодба не може да избрише дијагноза, но овој договор е дизајниран да обезбеди и денешните и идните пациенти да имаат пристап до компензација, изјави Кристофер Сигер, адвокатот кој ги застапувал тужителите.

Новиот договор предвидува Баер до 2057 година постепено да уплаќа по стотици милиони долари во посебен фонд, сè додека вкупниот износ не достигне 7,25 милијарди. Износот на пари што ќе им се исплаќа како отштета на поединците ќе варира во зависност од тоа како го користеле Раундап, на која возраст биле кога им била дијагностицирана болеста и степенот на сериозност на нивниот не-Хочкинов лимфом.

Според предложената спогодба, земјоделски или индустриски работник што долго време бил изложен на Раундап, би добил 165.000 долари ако му била дијагностицирана агресивна форма на болеста додека бил помлад од 60 години. Пациент на возраст помеѓу 60 и 77 години со помалку агресивна форма на болеста би добил 20.000 долари, а оние постари од 78 години би добиле 10.000 долари.

Адвокатот Мет Клемент, кој застапува 280 тужители, оцени дека предложената отштета е прениска и предупреди дека неговите клиенти веројатно нема да ја прифатат.

Поради илјадниците тужби Баер веќе го исфрли глифосатот од хербицидот Раундап за американскиот пазар, наменет за одржување тревници и градини, но го задржа во земјоделските производи.

Дизајниран е да се користи со генетски модифицирани семиња кои можат да се спротивстават на смртоносниот ефект на плевелот, со што им овозможува на земјоделците да произведуваат повеќе, а воедно да ја зачуваат почвата со помалку обработка.

Иако многу студии укажуваат на врска на глифосатот со рак, агенцијата ЕПА смета дека тој „веројатно нема да биде канцероген за луѓето ако го користат според упатствата“. Федерално одобрената етикета за Раундап не вклучува предупредување за рак.

******
Види и: Монсанто пак го удрија кајшто најмалку го боли
Монсанто ќе ти плати, кога ќе биде доцна

18 февруари 2026 - 12:08