Повици во Европа за „полиции за имигранти“

Десничарски партии и политичари во Германија, Белгија и Франција повикуваат на формирање специјални полициски единици што би се фокусирале на проблемот со нелегалната миграција. Во обид да ги запрат овие иницијативи пред да пуштат корен, либералите ги изедначуваат со американската служба за миграција, чии агенти неодамна убија две лица.

Баварската филијала на партијата Алтернатива за Германија му предложи на регионалниот парламент да формира полициска единица АФА (група за азил, истраги и депортации), која би била фокусирана на депортирање нелегални имигранти, како дел од пошироки напори за борбата против криминалот и зајакнувањето на јавната безбедност. Главната цел би биле мигранти обвинети за криминал, лица за кои е одобрена депортација и оние со фалсификувани документи за престој.

АФА би ги здружила активностите за претреси, истраги и организирање депортации, во согласност со законите. На тој начин би ги растоварила другите полициски одделенија.

Едноставно треба да се утврди кои лица треба да бидат депортирани и тие навистина да бидат депортирани, изјави лидерката на парламентарната група на AfD, Катрин Ебнер-Штајнер.

Во Белгија, партијата Фламански интерес предлага воведување специјални офицери за нелегална миграција во секоја полициска зона, единици во поголемите градови и во граничните области, како и агенти кои активно ќе ловат неовластени имигранти.

Наместо да ги регистрира нелегалните имигранти само кога ќе бидат фатени случајно, единицата активно би ги барала лицата без правен статус, изјави пратеничката Франческа Ван Белегем.

Таа ја отфрли споредбата со американската Служба за имиграции и царини (ICE) затоа што белгиската единица би била составен дел од полицијата, а не посебна федерална агенција.

Францускиот десничар Ерик Земур, основач на партијата Reconquête, не ја исклучи идејата и неговата земја да има слична полициска формација. 

Ќе треба да се прилагоди на Франција и на нашите институции. Но, мора да бидеме немилосрдни, изјави Земур во интервју за BFMTV.

Манон Обри, копретседателката на левицата во Европскиот парламент, ги оцени овие барања како „продолжение на политиката на насилство“ од екстремните десничарски партии. 

Овие политики мора да бидат оспорени од самиот почеток, затоа што во спротивно има ризик да станат генерализирани. Ако воопшто го прифатиме моделот на ICE како дел од политичката дебата, борбата е веќе изгубена, изјави Обри.

Сепак, порастот на рејтингот на десничарските партии во Европа сведочи дека нивната политиката за мигрантите има сè поголема поддршка од граѓаните. Тоа има влијание и врз Европската комисија, која ја заостри миграциската политика.

Одговорот на Брисел во новата петгодишна стратегија се дипломски напори за поттикнување на трети земји да помогнат во спречувањето на влез на неовластените имигранти во Европа и да ги вратат лицата што немаат право на престој.

12 февруари 2026 - 15:32