Голема вознемиреност меѓу Американците предизвика реклама емитувана во најударниот можен термин – полувремето на Супербоул – за влезното ѕвонче со камера Ring од Амазон, со вградена функција за лоцирање на изгубени кучиња.
Со активирање на функцијата Search Party и споделување фотографија од миленикот што се изгубил, системот со ВИ прегледува снимки од сите камери во соседството, го препознава кучето врз основа на биометриски податоци и го известува сопственикот за локацијата на која може да го пронајде.
Но, гледачите се загрижени дека системот не е ограничен само на препознавање кучиња, односно има можност во реално време да препознава секој човек што се појавува пред домот и да ги чува податоците во датотека. Новите алатки со вештачката интелигенција им олеснува на властите да пребаруваат, да чуваат и вкрстено да споредуваат огромно количество снимки од безбедносни камери.
Некои купувачи побарале да ги вратат камерите и да добијат рефундација од Амазон. На други им биле уништени. Група на социјалните медиуми ја обвини компанијата дека промовира мрежа за масовен надзор заради сопствен профит.

Портпаролот на Ring, Јаси Јаргер, соопшти дека функцијата Search Party не обработува биометрија на луѓе ниту ги следи. Наводно е дизајнирана да препознава само кучиња.
Сопствениците на камери отсекогаш можеле да ги споделат своите видеа со други ако го сакаат тоа. Користиме ВИ за да им дадеме на сопствениците на камери релевантен контекст за тоа кога споделувањето може да им помогне на луѓето во заедницата. Тој избор е во нивни раце, а не во нашите, изјави Јаргер.
Загриженоста на граѓаните не е без основа. Пред само неколку дена директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави дека агентите што го истражуваат исчезнувањето на Ненси Гатри биле во можност да соберат материјали од меморијата на камерата Nest на влезот во нејзиниот дом.
Flock Safety, читачот на регистарски таблички со ВИ, кој брзо се шири низ американските градови, наводно ѝ дозволува на Агенцијата за имиграција (ICE) да ги вкрсти податоците со своите бази на податоци. Ова поттикна некои градови да ги откажат договорите за инсталирање камери.