Форензичар бара нова истрага за смртта на Епстин

Доктор што присуствувал на обдукцијата на телото на Џефри Епстин повика на нова истрага за да се утврди вистинската причина за смртта на осудениот педофил во затвор во 2019 година. Докторот уште тогаш проценил дека достапните докази укажуваат на смрт од давење, а не на самоубиство со бесење, но тоа било исфрлено од официјалниот извештај.

За докторот Мајкл Баден, спорни се трите фрактури на вратот на телото на Епстин, кои се невообичаени за самоубиство со бесење. Тој ги доведува во прашање и јамката со која наводно се обесил Епстин и непрофесионалното ракување со неговото тело, сугерирајќи дека доказите можеби биле компромитирани.

Во извештајот од обдукцијата се нотирани фрактура на левиот хиоид, една на 'рскавицата на тироидната жлезда од десната страна и една на левата. Баден тврди дека во своето 50-годишно професионално работење никогаш не видел случај на самоубиство со три фрактури на вратот.

Дури и со една фрактура мора да се испита можноста за убиство. Две дефинитивно бараат целосна истрага. Немало таков случај во стручната литература и јас лично не сум видел, вели докторот.

Тој забележал и дека јамката, направена од чаршав во ќелијата, не била соодветна за смртоносните повреди на вратот. Проблематично било и ракувањето со телото.

Телото беше преместено. Чуварите одбија да кажат како го пронашле. Тоа е крајно невообичаено, вели Баден.

Забелешките на 91-годишниот форензичар имаат тежина. Тој бил ангажиран во голем број случаи со висок профил. Во 1995 година сведочел на судењето на О.Џ. Симпсон, а соработувал и во истрагите за атентатите врз Мартин Лутер Кинг и Џон Ф. Кенеди.

Во 2019 година, врз основа на форензичкиот извештај и достапните информации, Баден како сведок и судскиот истражител се согласиле дека се потребни повеќе информации за да се утврди причината за смртта на Епстин. Наспроти сомневањата, бил објавен официјален извештај и случајот бил затворен како самоубиство.

Во редактирана верзија на документот за обдукцијата на Епстин, објавен во декември од Министерството за правда, во прашалникот за начинот на смртта е штиклиран одговорот „во исчекување“, а полињата „самоубиство“ и „убиство“ се оставени празни.

Баден потврдува дека неговиот професионален наод од 11 август 2019 година за начинот на смртта бил „неубедливо“. Но, пет дена подоцна, додека се очекувала понатамошна истрага, докторката Барбара Сампсон, главен медицински истражител од Њујорк, го затворила случајот како „самоубиство со бесење“. Сампсон не била присутна на обдукцијата.

Новообјавените документи од досието на Епстин, вклучувајќи снимки од безбедносните камери од ноќта кога починал и мистериозната „исчезната минута“, предизвика бурни шпекулации и теории дека некој можеби влегол во ќелијата.

Со оглед на сите информации што се достапни сега, потребна е понатамошна истрага за причината и начинот на смртта, изјави Баден.

13 февруари 2026 - 16:49