Мерц побара од 46-те милиони работници да ја зголемат продуктивноста и се посветат повеќе на работните обврски отколку на слободното време, за да се задвижи германската економија по неколку години континуиран забавен раст.
Целокупната продуктивност на нашата национална економија не е доволно висока. Да бидам уште подиректен: рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот и четиридневната работна недела нема да бидат доволни за да се одржи сегашното ниво на просперитет на нашата земја. Затоа мора да работиме повеќе, порача Мерц пред индустриски лидери во источна Германија.
Според неодамнешните бројки од Федералниот завод за статистика, Германците се на третото место од дното во Европската Унија според просечните неделни работни часови. Тоа е поради зголемениот процент на Германци што работат со скратено работно време. Владејачките конзервативци неодамна предложија укинување на законското право на работа со скратено работно време, освен ако работникот нема посебна причина, како грижа за деца или понатамошно образование.
Анкета на ARD покажува дека две третини од Германците се против укинувањето на правото за скратено работно време. Паѓа и процентот на граѓаните што веруваат дека владата на Мерц може да ја задвижи економијата.

На врвот на листата на земји со најмногу работни часови во ЕУ е Грција, земја која германските конзервативци ја презираа како „мрзлива“ за време на должничката криза пред повеќе од една деценија. Иако продуктивноста на германската работна сила останува значително повисока, Мерц сега ја прикажува Грција како пример за трудољубивост. На средбата со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, тој ја пофали Атина за мерката што овозможува шестдневна работна недела.
Им препорачувам на сите во Германија кои мислат дека е ужасно и неразумно да се работи 40 часа неделно… да ја погледнат Грција. Сигурно можеме да научиме нешто од Грција, изјави Мерц.
На неодамнешен митинг во покраината Баден-Виртемберг спроти изборите во март, канцеларот го критикуваше и зголемувањето на бројот на денови за боледување што ги земаат работниците. Со три недели боледување годишно, Германците, според Мерц, се над просекот во ЕУ.
Дали е тоа навистина потребно? Можеме ли да разговараме за тоа како да создадеме подобри стимулации за луѓето да работат наместо да земаат боледување кога се болни? Мора заедно да постигнеме поголем економски ефект, порача Мерц.
Главниот проблем за економијата, всушност е недостиг на работни места во индустрискиот сектор како двигател на извозот. Стапката на невработеност во Германија неодамна надмина 3 милиони, достигнувајќи 12-годишен максимум.