Маск изрази загриженост дека може да се покажат попусти неговите обиди за кратење на трошоците на федералните власти на САД. Откако тој во мај ја напушти позицијата шеф на Агенцијата за владина ефикасност (ДОГЕ), многумина јавни службеници што беа издвоени како непотребни беа вратени на работните места бидејќи нивната улога беше оценета како критични. Тоа, според Маск значи дека нема целосно да бидат отстранети расипничкото трошење и измамите, што ќе се одрази на капацитетот на САД да ги отплаќаат своите долгови.
Само каматата на вкупниот долг од 38.500 милијарди долари изнесува околу 1.000 милијарди годишно, што го надминува воениот буџет на САД... Сервисирањето на долгот, исто така, ги надминува трошоците за социјални програми како Медикер, изјави Маск во разговор со подкастерот Дваркеш Пател и Џон Колисон, основач на платформата за финансиски услуги Stripe.
Говорејќи за својата неколкумесечна работа во DOGE, Маск оцени дека само се обидувал да ја забави „неодржливата финансиска траекторија“ по која тргнале САД за да добие време додека вештачката интелигенција и роботиката не го поттикнат растот.
Тоа е единственото нешто што може да го реши националниот долг. Ние 1.000% ќе банкротираме и ќе пропаднеме како земја, без ВИ и роботи. Ни треба само доволно време да ги изградиме пред да банкротираме, тврди Маск.
Претходно тој призна дека потегот може да предизвика голема дефлација, за која финансиски експерти забележуваат дека би го зголемила вкупниот долг. На почетокот инфлацијата би се намалила, но би предизвикала зголемување на приносите од обврзниците, а со тоа и на отплатите на каматата на долгот.
Тоа е многу веројатно затоа што едноставно нема да можете да ја зголемите понудата на пари толку брзо колку што го зголемувате производството на стоки и услуги, забележа Маск.
САД имаат некои вградени предности за исплаќање на долгот. Со оглед на тоа што доларот е доминантна светска резервна валута, Министерството за финансии може да позајмува по пониски каматни стапки. Способноста на САД да издаваат долг во сопствена валута и капацитетот на Федералните резерви за купување обврзници, исто така, го намалуваат ризикот од целосно неплаќање.
Комитетот за одговорен федерален буџет во јануари предупреди дека САД се на траекторија што може да предизвика шест различни видови фискални кризи.
Иако е невозможно да се знае кога ќе се случи катастрофа, некаква форма на криза е речиси неизбежна без корекција на курсот, се вели во извештајот на Комитетот.