Законската рамка предвидува годишно оданочување на приватни лица врз основа на раст на широк спектар на капитални средства – штедни влогови, акции и други хартии од вредност, разни камати, но и криптовалути и дигитални средства. Данокот ќе се наплаќа без оглед на тоа дали лицата реално ги продале средствата што им генерирале потенцијална заработка.
На сликовит пример, ако акции во вредност од 10.000 евра достигнат 11.000 на крајот од годината, даночната управа ќе смета дека сопственикот заработил 1.000, иако тој реално не ги продал и не заработил. До мај идната година тој ќе мора да плати данок од 360 евра (36%), дури и ако во меѓувреме вредноста на акциите се врати на почетната.
Ако мерката биде одобрена и од Сенатот, ќе се применува од даночната 2028 година, но веќе почна жестока дебата помеѓу инвеститори и економисти.
Застапниците тврдат дека законот ќе го модернизира оданочувањето на финансиските средства, но противниците предупредуваат дека тој ќе обесхрабри долгорочни инвестиции и ќе ја разниша позицијата на земјата како дестинација за бизниси со дигитални средства.
Бизнисменот Денис Пејре предвидува паника меѓу инвеститорите и одлив на капитал од Холандија кон други членки од Европската Унија, кои имаат поприфатливи даночни режими. Тој потсетува на случајот на Франција, која претрпе егзодус на бизниси откако при крајот на 1990-тите воведе слична даночна политика.

Финансиските проекции од Investing Visuals ја илустрираат основата за загриженоста. Без данокот, инвеститор што сега почнува бизнис во Холандија со 10.000 евра и вложува по 1.000 евра месечно во текот на 40 години би можел да стекне плус 3,32 милиони евра. По воведувањето на данокот, државата ќе му одземе 1,435 милиони од добивката.
Од законот внимателно се издвоено оданочувањето на нереализираните добивки од приватни лица што поседуваат имоти и потенцијално може да ги изнајмуваат. Критичари стравуваат дека ако се постави рамката, во иднина би можела да се прошири и на имотот, што би било голем удар во земјата во која сопственоста на домот има централна социјална и финансиска улога. За да се оданочуваат и приватните домови, би морало да се воведе посебен закон.