Во нов извештај од њујоршката инвестициска банка се сугерира дека помалата понуда на работници, како последица на намалената имиграција, го маскира капацитетот на американската економија да создава нови работни места. Тоа може да послужи и како објаснување зошто стапката на невработеност се стабилизирала на околу 4,3% , иако пазарот на трудот останува нестабилен поради непредвидливи фактори.
Во текот на изминатата деценија просечната нето имиграција во САД изнесувала приближно 1 милион луѓе годишно. Лани била преполовена на 500.000, а проекциите се дека во 2026 година ќе се намали на само 200.0000.
Ова строго ограничување на протокот на работна сила ги принудува експертите да ги рекалибрираат своите референтни вредности за американската економија. Помалиот број нови работници што настапуваат на пазарот на труд значи дека на економијата ѝ се потребни помалку нови работни места за да ја одржи стабилна стапката на невработеност, се наведува во извештајот на Голдман Сакс.
Банката проценува дека стапката на рамнотежа на растот на работните места ќе падне од сегашното ниво од 70.000 месечно на само 50.000 до крајот на годинава.

Проблемот со „изгубените“ работници ја зголемува вознемиреноста на економистите затоа што се надоврзува на очекувањата од контракција - како последица на царинскиот режим што го наметна Трамп, и на отворената дебата дали вештачката интелигенција е „бум“ или „меур“ кој наскоро може да пукне.
Ерик Бринјолфсон, влијателен економист од Стенфорд, оценува дека очекувањата за зголемена продуктивност од помалку работници поттикнува проекции за подем на користењето алатки со ВИ. Други, пак, предупредуваат на ризикот од масовни отпуштања на канцелариски службеници.
Во извештајот на Голдман Сакс се предупредува и дека построгото спроведување на политиките ја турка работната сила од странство кон сива економија, односно кон работни места што не се опфатени со официјалната статистика. Тоа би создало лажна слика во податоците, која ќе ги спречи Федералните резерви да го проценат реалното здравје на економијата.