САД: 38 милијарди за пренамена на магацини во мигрантски центри

Администрацијата на Трамп ќе потроши близу 40 милијарди долари за да купи големи магацини и да ги пренамени во центри за притвор на десетици илјади имигранти пред да бидат протерани од САД. Проширувањето на капацитетите на 92.600 кревети најавува засилување на операциите на Службата за имиграција за приведувања на лица со нелегален престој.

Со досегашниот систем приведените нелегални мигранти се префрлаат од еден до друг помал центар, врз основа на слободните места. Новиот план предвидува тие да бидат концентрирани во поголеми комплекси, реновирани за да исполнат високи стандарди за престој – со простории за дружење и рекреација и кафетерии.

Овие објекти ќе овозможат безбедно и хумано притворање на странци, а воедно ќе ѝ помогнат на Службата за имиграција (ICE) да спроведе масовни депортации, пишува во документите.

Парите нема да бидат проблем. Администрацијата на Трамп во „Големиот убав закон“ за федерални трошоци веќе издвои 170 милијарди долари за операции поврзани за заштита на границите и за проблемот за имиграцијата. 

Службата за имиграција и царина (ICE) би купила и пренаменила 16 згради низ САД во регионални центри за обработка на случаите. Овие центри би имале максимален капацитет да примат помеѓу 1.000 и 1.500 луѓе истовремено. Уште осум други големи центри за притвор, со капацитет од 7.000 до 10.000 луѓе би послужиле како „примарни локации“ за депортации.

Притворените лица би поминувале во просек од три до седум дена на местата за обработка пред да бидат транспортирани во поголемите објекти, каде што би биле задржани околу 60 дена пред да бидат депортирани.

Во изминатите неколку недели ICE потроши повеќе од 690 милиони долари за преземање на најмалку осум индустриски згради во Мериленд, Аризона, Џорџија, Тексас, Пенсилванија и Мичиген, според документи за недвижнини и интерни записи. Агенцијата го потврди својот интерес за уште најмалку четири магацини во Џорџија, Њу Хемпшир, Њујорк и Њу Џерси.

Документи доставени до гувернерот на Њу Хемпшир, на пример, покажуваат дека ќе бидат потрошени 158 милиони долари за пренамена на нов центар за притвор во местото Меримак, а за функционирање на центарот во првите три години се предвидени уште 146 милиони долари.

Се очекува некои магацини да бидат спремни да примаат лица веќе во април. Агенцијата за имиграција во документот наведува дека новиот модел за притвор целосно ќе биде спроведен до 30 септември и сите објекти ќе бидат во функција до 30 ноември, кога капациетот би бил 92.600 кревети.

Откако Трамп се врати на претседателската функција, бројот на мигранти во притвор се зголеми за 74% на повеќе од 68.000 во овој месец, покажуваат владини податоци.

14 февруари 2026 - 09:24