Пред сто години ако си бил пешак, преминувањето улица било лесно: доаѓаш до улица и ја преминуваш. До пред 3-4 децении и во Скопје на улица можеше да се изигра сервис (до 21) без да помине кола. Денес деца не би преживеале ни „за серва“ да одиграат.
„Во раните години работа на возачите беше да внимаваат на останатите а не пешаците да избегнуваат коли“, вели американскиот историчар Питер Нортон.
Како што автомобилите земаат замав и ги има сè повеќе, со нив доаѓа и очекуваната нуспојава - смртта. Главно гинеле пешаци, особено стари лица и деца, а тоа навлекло општ гнев кон автомобилите на кои во тоа време се гледало како што денес се гледа на јахтите, како на луксузирање и чалам.
Во градовите почнале да никнуваат споменици на жртвите на автомобилите, весниците детално опишувале сообраќајни инциденти во кои за главни виновници биле означени возачите на металните машини.
На потентната автомобилска индустрија алармот им се пали кога 42.000 жители на Синсинати со петицијa издејствувале сите автомобили во промет да имаат лимитери кој ќе им ја ограничат максималната брзина на 25 милји (40 километри) на час. Автомобилџиите сфатиле дека негативниот имиџ кој го имаат во јавноста и нивната пасивност ќе го забави нивниот раст па прешле во контра-офанзива,
Во тоа време улицата била многу поразлична од она што е денес. Таа се сметала за јавен простор кој подеднакво и рамноправно им припаѓа на сите, на пешаците, велосипедите, децата, автомобилите, запрежните коли, количките на буткање....
Пред да се воведуваат пишани сообраќајни правила, судиите за виновен главно го прогласувале поголемиот во инцидентот. Но, автомобилската индустрија започнува лобирање со кое почнуваат да се воведуваат правила за пешаците. Иако обележаните пешачки премини на почетокот биле галантно игнорирани, кампањата лобирала кај полицајците да прават драма околу пешаците кои не минуваат на зебра. Да се прави тоа бучно, со силна свирка, со карање пред сите. Биле најмувани и кловнови да минуваат надвор од пешачки кои потоа биле фотографирани за во весници. А индустријата вовела и бесплатен новинарски деск сервис; било доволно новинар да пријави некоја сообраќајка и набрзо добивал комплетно изготвена вест за сообраќајката, со сите детали. Се разбира, главни виновници во ваквите вести биле пешаците. По училиштата биле охрабрувани и „школски судења“ во кои учениците казнувале некој соученик кој бил виден како минува улица надвор од пешачки. Казната главно била да брише табла цела недела.
Освен наметнување регулативи за пешаци, главна цел на кампањата била да се предизвика срам од непочитување на правилата а „самоволието“ на пешаците да биде исмејувано и сметано за простачко. Така е и скован терминот „jaywalking“. „Jay“ во тоа време означува човек симнат од шума или друга вукојебина кој не знае да се однесува во град. Пешаците возвратиле со терминот „jay driving“ ама тој 'не се фатил' за разлика од jaywalking кој - иако на почетокот звучел страшно навредливо - полека станал вообичаен термин за оние кои не ги почитуваат правилата наметнати од господарите на улицата - автомобилите.
Види и: