Трамп: Канцерогениот глифосат е темел на националната безбедност на САД

За илјадници Американци, глифосатот е хемикалија што им предизвикала рак. Но, претседателот Трамп го прогласи канцерогениот хербицид за критична суровина за националната и прехранбената безбедност. Нареди континуирано снабдување со хербициди и со елементарен фосфор за да се заштити производството на храна и на воена опрема.

Во извршната наредба Трамп објаснува дека САД немаат одржлива алтернатива на глифосатот.

Хербицидите базирани на глифосат се камен-темелник на земјоделската продуктивност и руралната економија на оваа нација... Ако немаме пристап до хербициди врз база на глифосат, тоа критично ќе ја загрози земјоделската продуктивност, ќе го зголеми притисок врз домашниот прехранбен систем и може да резултира со префрлање на обработливото земјиште кон други намени, пишува во извршната наредба.

Овој потег е крајно неочекуван поради илјадниците тужби од Американци што тврдат дека добиле рак поради изложеност на глифосат. Дури и движењето „Да ја направиме Америка повторно здрава“ (MAHA) на министерот Роберт Ф. Кенеди го издвојува глифосатот како „фактор што придонесува за долгорочни здравствени последици кај деца“.

Глифосатот е клучна состојка во популарниот хербицид Roundup, произведуван со години од Монсанто, а од неодамна од новиот сопственик, германската агрохемиска компанија Баер.

Само еден ден пред Трамп да ја потпише наредбата, Баер постигна договор од 7,25 милијарди долари за да затвори колективна тужба од лица што тврдат дека добиле не-Хочкинов лимфом поради изложеност на Roundup. Со оваа исплата Баер се заштитува од трошоци од евентуалната негативна пресуда од Врховниот суд за тужбите поради хербицидот.

Во извршната наредба Трамп како критичен елемент за безбедноста го издвои и производството на фосфор, кој има намена во разни оружја и воена опрема – од чадни бомби и ракети за осветлување, до полупроводници за радари, соларни ќелии, сензори и литиум-јонски батерии.

Елементарниот фосфор се користи и во производството на хербициди базирани на глифосат.

Всушност, постои само еден домашен производител на елементарен фосфор и хербициди базирани на глифосат и тој не ги задоволува нашите годишни потреби. САД увезуваат 6.000 тони елементарен фосфор секоја година, поради што се ранливи на непријателски странски акции, пишува во наредбата.

******
Види и: Баер со 7,25 милијарди замолкна илјадници луѓе со рак

19 февруари 2026 - 16:48