Свет со нето нула емисии на штетни гасови е левичарска фантазија, ги предупредил американскиот секретар за енергетика Крис Рајт своите колеги на министерскиот состанок на Меѓународната агенција за енергија (IEA) во Париз.
На средбата зад затворени врати, тој истакнал дека се нереални и недостижни целите за целосно намалување на емисиите на јаглеродни гасови и затоа не можат да бидат основа за моделирања политики.
Рајт претходно јавно се закани дека САД ќе ја напушти агенцијата ако таа не се откаже од зелената транзиција. Овој повик итно го отфрлија земји како Британија, Франција и Австрија.
Улогата на Меѓународната агенција за енергија е да дава препораки и да овозможи соработка на членките за климатските и енергетските политики. Придржувањето до политиката за нето нула емисии беше клучно за поттикнување на глобалниот бран на енергетската транзиција и поткрепи милијарди инвестиции во зелена енергија.
Во ноември IEA ги отфрли своите предвидувања дека растот на побарувачката за нафта ќе достигне врв за неколку години, што е првата голема промена откако почна да промовира зелена енергија на почетокот на оваа деценија.
Рајт настапи дипломатски и паметно го подели политичкото од организациското. Побара да ја оставиме политиката на страна и да се посветиме на реалниот свет, и да престанеме да трошиме ресурси на сценарија што може да се остварат 0%, изјави за Политико учесник на состанокот.
Европските министри се спротивставиле на притисокот и инсистирале дека нивните земји ќе продолжат да ги прошируваат обновливите извори на енергија.
Европа не смее да дозволи да биде уценувана за политиката за чиста енергија. Обновливите извори се клучни за растот, изјави австриската министерка Елизабет Цетнер.
Британскиот министер Ед Милибанд изјавил дека за „огромното мнозинство“ земји, транзицијата кон чиста енергија е незапирлива.
Агенцијата добива од САД по околу 6 милиони долари годишно, или околу 14% од својот буџет.