„Фиџет спинер-от“ изгледа како најобична вртимушка, само што не се врти на земја туку на прст. Откако ќе помине првиот ентузијазам од обичното вртење, следува пребарување видеа со разни финтаџиски потези и со пофенси дизајни, чија цена достигнува и до стотина долари.
Иако е опишан како играчка (патем, и како „Најглупа играчка во 2017“), спинерот на интернет го има и како антистрес алатка, третман за синдром на пореметено внимание, па дури и за аутизам. Дека тој може да биде легитимно помагало за набројаното не е докажано, но тоа не е причина да не се продава ко алва (во моментов е на врвот на бестселер листата на Амазон во категоријата играчки).
Секако, вртимушката како концепт не е нов, но ваква јагма по неа веројатно не е забележана од моментот кога оној кој го измислил тркалото се сетил да им бапне во рака по едно тркалце на децата, за да може да испие раат едно предисториско пиво. И како што популарноста на спинерот расте, така се појавуваат социолошки анализи на феноменот - според едни играчката е супер отргнување внимание од мобилните и антидот на постојаното куцкање на монитор, а според други за некои идни археолози ова ќе биде фосил кој ќе сведочи за површната и стресна сегашност.
Она што е јасно е дека со спинерот играш со сам себе - тој е направен за самодоволен, често невротичен поединец, кој е способен да се самодијагностицира и самоизлечи, и тоа со една обична вртимушка. Во една поширока смисла, спинерот е интересен токму затоа што е тотално неинтересен, повторлив и хипнотички во своето вртење, исто како и сета популарна култура. Тоа што не бара речиси никаков напор за да функционира, и не дава отпор, е уште еден симболички елемент. Рекордот за најдолгиот спин е над 51 минута. Па има ли нешто друго кое може да направиш да ти оди по ќеф толку време, а да чини (преценети) 200 денари?
Дали ваквите феномени покажуваат дека иновацијата и прогресот кои ги ветува технологијата одеднаш запреле? „Секоја мода е нов јадеж, чие чешање обезбедува привремено олеснување“, пишува Атлантик. До следното чешање...