Кон крајот на јули оваа година, Твитер укина над 7.000 сметки поврзани со теоријата на завера QAnon. 20-тина дена подоцна, на сличен чекор се реши и Фејсбук отстранувајќи преку 790 групи, 100 страници, 1.500 реклами и поставувајќи дополнителни ограничувања на речиси 2.000 групи и 450 страници. Рестрикции на околу 10.000 профили воведе и Инстаграм.
Сите овие акции се поврзани со теоријата чие централно тврдење е постоењето на глобална сатанистичко - педофилска завера на дип стејт и дека ним активно им се спротивставува Доналд Трамп, неименуван офицер на американската војска Q и неговите соборци во разни државни органи, QAnon-и.
Почетоците на ова движење се во 2016 година кога Викиликс објавува меилови од Џон Подеста, тогашен шеф на кампањата на Хилари Клинтон. Од користењето на наводно шифриран педофилски сленг, корисниците на порталот 4chan, во тоа време популарен меѓу десничарски ентузијасти, доаѓаат до заклучок дека извесен пица-ресторан во Вашингтон е место за организирање педофилско-сатанистички оргии во кои учествуваат некои од најпознатите имиња на американската политика и шоу-бизнис, функционери и битни подржувачи на Демократската партија. По модел на славниот скандал Вотергејт, се раѓа Пицагејт и тоа е една од најбезвезните епизоди на претседателските избори во 2016 година.
Во октомври 2017 година, корисник на 4chan кој се претставува како Q Clearance Patriot објавува порака дека на 30 октомври (и тоа меѓу 7:45 и 8:30 часот) ќе биде уапсена Хилари Клинтон. Тоа е прв од многуте постови на Кју за кој постојат многу претпоставки околу идентитетот; најчеста е е дека е офицер на американската војска со безбедносен сертификaт, лице со задачи поврзани со нуклеарниот арсенал, така нешто.
До денес ова лице (или лица) има објавено околу 2.000 криптирани пораки кои заедно го прават QAnon, извесна Библија на движењето. Кју често објавува баш неразбирливи пораки па дури и нешто што личи на рандом бројки и букви. Следбениците нив ги третираат како пророштва, се обидуваат да ги дешифрираат, користат специјализирани компјутерски програми за тоа и слично. Кога Кју понекогаш е конкретен во најавите и кога ќе утне, тоа се толкува како намерно збунување на непријателот.
Едно од бизарните верувања е дека под њујоршкиот Централ парк постојат тајни тунели во кои се кријат таканаречени деца- кртици кои се користат во сатанистички ритуали а Кју најави дека, кај и да е, ќе објави видео снимка на која Хилари му сече уво на такво дете.
На основната приказна околу постоење на глобална сатанистичко-педофилска организација се налепени и други елементи а во тој галиматијас е дип стејт (неформална дружина од моќници кои вистински управуваат со овие што се на ачик), па стандардните Ротшилд и Сорос, па обожување на богот Баал (кој стотици години бил главен инфлуенсер ама после го утепа лош ПР), принесување жртви, кемтрејлови, 5Г, ХААРП, псевдо-естрогени кои ќе ја намалат плодноста на мажите, лажната епидемија ковид-19 и чудотворниот суплемент ММС (miracle mineral suplement) кој лекува сè, ама, патем е и активна супстанца во варикината. Што ти душа сака има во оваа приказна. На пример дека Мишел Обама е всушност машко па нагалено ја викаат Големиот Мајк.
За среќа на локалните љубители на големите а скриени вистини, големите социјални мрежи фушерски ги покриваат малите јазици па овдешните фанови и групи на QAnon, колку што знаеме, се раат.
Ние не ги следиме затоа што ги имаме директно на меил, преку еден вреден „офицер за врска“ кој редовно нè снабдува со тон материјали (линкови, ексели, листи, списоци) за тајното злосторничко здружување на длабоката држава и најави за големи случки по кои ништо веќе нема да биде исто (на пример, „во недела во толку и толку часот бидете спремни, да не биде не сум ви кажал)“. Како што гледате, досега сè е исто, ама не заборавете на она, тоа е да се збуни непријателот.
А драг ни е, да му се невиди, можеби затоа што во суштина, овој македонски QAnon-ец искрено верува во подобар свет од овој.
Еве дел од неговиот последен меил до нас, после уште една најава дека прашање на денови е кога дип-стејт ќе биде соголена и скршена:
„Леле не знајш чоек колку требит сите да сме возбудени за ова, рачунај од стотици илјадници години шо метат по земјава, ние испаднавме да сме во тие родени, кај шо ќе паднат а со то глобално ќе се посреќиме и енергетски и медицински и какви-уште-не-ли-пичко-матерински.
Со среќа да ни е слободава на сите!“името познато на редакцијата
А забраните, со кои го почнавме овој текст, можеби се најпогрешната алатка во војната против теориите на заговор бидејќи само ќе придонесат за зголемување на нивната популарност, во склад со библиската поука за неодоливоста на забранетото овошје.
Во такви услови, главен доказ за вистинското и реално постоење на заговорот ќе биде гушењето на информациите за него.