Шпанија ги легализираше мигрантите, сега ѝ ги префрла на Европа

Масовната амнестија за половина милион нелегални мигранти што ја објави премиерот Санчез одекна како повик за нова инвазија врз брегот на Шпанија. Иако не се опфатени со условите, новодојдените мигранти се убедени дека кога-тогаш ќе бидат легализирани. Мадрид сега бара од европските партнери да преземат дел од товарот.

Откако пратеничката Кристина Валидо изрази загриженост поради притисокот од мигрантите врз Канарските Острови, Владата одговори дека бара од Брисел да ја преземе одговорноста и да ги префрли во други членки на Европската Унија, кои веќе ги зајакнале своите граници.

Владата бара механизми за да овозможи прераспределба на малолетни мигранти без придружба и префрлање на мигранти кои пристигнуваат во најоддалечените региони во други европски територии за да се спречи прекумерна концентрација во области како Канарските Острови, изјави министерот за економија Карлос Куерпо. 

Според контроверзниот Пакт на ЕУ за миграција и азил, кој треба целосно да стапи на сила во јуни 2026 година, членките на ЕУ ќе бидат обврзани да прифаќаат мигранти од најоптоварените земји. Унгарија, Полска, Чешка, Словачка и Австрија, кои одбија да учествуваат во програмите за преселба, ќе мора да им плаќаат на земјите што ќе примат мигранти.

Во одлуката на социјалистичката влада на Педро Санчез за доделување легален статус се истакнува дека понудата важи за мигрантите без документи што биле во Шпанија пред 31 декември 2025 година, ако докажат дека пет месеци непрекинато престојувале во земјата и ако немаат криминално досие.

Критичарите тврдат дека тоа поттикнало очекувања за слични попустливи мерки во иднина. Како доказ го истакнуваат зголемениот бран мигранти што пристигнуваат на Канарските Острови и енклавите Сеута и Мелиља на северниот брег на Африка. 

Половина милион нелегални мигранти! Тиранинот Санчез го мрази шпанскиот народ. Тој сака да го замени. Промовираше политика на привлекување за да ја забрза инвазијата. Мора да го спречиме. Репатријации, депортации и реемиграција, изјави лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал.

Нови податоци од Националниот институт за статистика покажуваат дека лани во Шпанија пристигнале 540.000 имигранти. Во изминатите четири години нивниот број се зголемил за 2,5 милиони и веќе надминал 10 милиони, што е една петтина од вкупното население од 49.570.725 на 1 јануари годинава. На почетокот на овој век во Шпанија ги имало околу 1 милион.

Па, се чини дека не биле само четворица бегалци кои бегаат од војна. Тие доведоа 10 милиони за да го заменат народот, изјави пратеничката од Вокс, Росио де Мер.

16 февруари 2026 - 10:02