Бахамската трговска рута, која почна да се забрзува во првите месеци од 2025 година, стана клучен дел од проблематичниот синџир на снабдување за Калифорнија. Оваа година веќе пристигнаа два танкери од Бахамите. Долгото патување додава уште еден слој трошоци на веќе скапиот бензин.
Затворањата на рафинериите во просек би можеле да ја зголемат цената на бензинот на пумпите за помеѓу 5 и 15 центи за галон, оцени енергетскиот аналитичар Патрик Де Хан од фирмата ГасБади.
Калифорнија ги затвора рафинериите за да ги исполни целите за ограничени емисии на стакленички гасови. Во октомври беше затворена рафинеријата „Филипс 66“ кај Лос Анџелес, а претстојната пролет треба да биде затворена уште една во северниот дел.
Калифорнија нема цевководи за гориво што ја поврзуваат со производителите на нафта и рафинериите во другите сојузни држави, па најнаселената држава во САД веројатно уште со години ќе зависи од увозот по морски пат.
Пратките на американски бензин до Калифорнија одат по заобиколната рута и поради Законот Џонс од 1920 година, кој налага дека секоја стока што се испраќа помеѓу американски пристаништа мора да патува со бродови изградени, во сопственост и управувани од САД.
Од вкупно над 7.000 танкери низ светот, само 55 ги задоволуваат условите од Законот Џонс. Поради тоа се скапи за изнајмување и транспортот со нив чини повеќе отколку танкер со знаме на друга земја. Затоа поевтина варијанта е бензинот прво да биде испорачан до Бахамите, а потоа назад во САД.
Калифорнија во ноември увезе повеќе бензин од кога било досега, при што повеќе од 40% доаѓа од Бахамите. Во текот на 2025 година оваа држава купила повеќе барели од Бахамите отколку во изминатите девет години заедно.
Азија е попрактичен извор на бензин за Калифорнија.
Рафинериите на Истокот веќе произведуваат мешавина од бензин што ги задоволува стандардите на државата, а танкерите што доаѓаат преку Пацификот не мора да чекаат и да плаќаат за да го преминат Панамскиот канал, што ја крева цената на транспортот, објаснува Де Хан.
Индија и Јапонија лани испорачале најмногу бензин во Калифорнија, а Бахамите биле на третото место.