Законот предизвика жестока дебата меѓу пратениците во период кога Франција се соочува со високи долгови. Едни бараа поголеми субвенции како поддршка за проширувањето на обновливите извори на енергија, а други ја бранеа докажаната ефикасност на нуклеарките централи.
Нуклеарните реактори се 'рбетот на нашиот електроенергетски систем, изјави министерот за финансии Роланд Лекур. Треба да ги запреме нашите внатрешни расправии. Ни требаат и нуклеарни и обновливи извори на енергија.
Промените се големо олеснување за државната електродистрибуција ЕДФ, која беше притисната да затвори 14 од своите 57 нуклеарни реактори за да се остана конкурентна на пониските цени што ги нудат европските производители на сончева и ветерна енергија, со поддршка од субвенции од владите.
Со новата десетгодишна рамка ЕДФ треба да произведе 420 терават-часови енергија од своите реактори до 2035 година, што би било зголемување на капацитетот за 5%. До 2038 година во системот треба да се вклучи првиот од новите реактори.
Во исто време, намалени се целите за инсталиран капацитет за генерирање енергија од ветер и сонце од 133-163 гигавати на 105-135 гигавати. Според новата рамка, Франција до 2035 година треба да постави ветерници на море со капацитет од 15 до 18 гигавати, а на копно од 35 до 40 гигавати. Капацитетите за генерирање струја од сончевата енергија е спуштена од 75-100 гигавати на ниво од 55-80 гигавати.
Законот исто така, предвидува Франција да троши 60% струја од сопствени обновливи извори до 2030 година, што би се зголемило на 70% до 2035 година. Франција сега задоволува 60% од своите енергетски потреби со фосилни горива.
Законот сведочи за промената на политиката на претседателот Емануел Макрон. Во кампањата спроти изборите во 2017 година тој промовираше енергија од обновливи избори, но подоцна се откажа и поддржа проширување на нуклеарните централи со најмалку 6 нови реактори.

Како аргумент за новиот закон, Макрон го истакна ланскиот голем колапс на енергетскиот систем во соседна Шпанија, кој ги погоди и Португалија и делумно Франција.
Проблемот на Шпанија е тоа што има модел со 100% енергија генерирана од обновливи извори, кој нејзината мрежа не може да го издржи. Прекинот на струјата нема никаква врска со интерконекциите, туку со фактот дека ниеден систем, барем со сегашната технологија, не може да издржи таква зависност од обновливи извори на енергија. Потребна е стабилност за енергетскиот микс за да се избегнат големи шокови, изјави Макрон.
Социјалистичката влада на шпанскиот премиер Педро Санчез во 2019 година одобри затворање на последните преостанати нуклеарни реактори најдоцна до 2035 година. Шпанија ќе го прошири капацитетот за генерирање струја од обновливи извори од 57% од вкупните потреби во 2024 година на 81% во 2030 година.
******
Види и: Затемнувањето на Шпанија не беше од технички, туку од стратегиски курцшлус