На Швајцарија ѝ се доста 10 милиони жители

Швајцарците во јуни на референдум ќе се определат дали да го ограничат бројот на жители на 10 милиони до 2050 година. Причините за иницијативата се јасни. За една година преку отворените граници со ЕУ пристигнале 180.000 мигранти, кои ја преоптоваруваат инфраструктурата и го загрозуваат идентитетот. Дури 40% од Швајцарците денес се со потекло од други земји.

Швајцарија денес има околу 9 милиони жители. Ако мнозинството граѓани на 14 јуни ја поддржат иницијативата „Не за Швајцарија со 10 милиони“, владата ќе биде обврзана да преземе нови мерки за ограничување на миграцијата. 

И владата и Парламентот ја отфрлија иницијативата, но беа принудени да го закажат референдумот откако повеќе од 100.000 граѓани се потпишаа на петиција за поддршка.

Организациите што ја поднесоа иницијативата бараат построги критериуми за издавање дозволи за постојан престој на странци веднаш штом населението надмине 9,5 милиони. Се бара и ревизија на договорот на Швајцарија со Европската Унија што овозможува слободно движење на граѓани.

Анкета спроведена во декември покажа дека 48% од Швајцарците поддржуваат поставување граница на населението на 10 милиони, а 41% се против.

Иницијаторите тврдат дека пренаселеноста ја преоптоварува инфраструктурата, ја зголемува цената на кириите и го загрозува локалниот идентитет.

По приливот од над 180.000 луѓе за една година, конечно мора да се преземе акција, објави Швајцарската народна партија, која има најмногу пратенички места.

Противниците тврдат дека запирањето на миграцијата ќе ѝ наштети на економијата, ќе го отежни привлекувањето странски работници за дефицитарните работни места и ќе ги наруши односите со Европската Унија.

Швајцарија со децении е изложена на бранови мигранти. Повеќето странци доаѓаат од други европски земји, но ги има и од Блискиот Исток и од Северна Африка. Според државната статистика, околу 40% од жителите на возраст над 15 години се од мигрантско потекло, претежно од европски земји. Од вкупниот број сегашни жители, 27% немаат швајцарско државјанство.

На референдум во 2009 година, мнозинството Швајцарци изгласаа забрана на изградба на нови минариња на џамиите, одразувајќи ја загриженоста за растот на исламот во земјата која својот идентитет јасно го изразува на националното знаме. 

12 февруари 2026 - 10:00