Дури ни Доналд Трамп, кој го критикуваше Нобеловиот комитет во Осло зашто не му ја даде наградата за мир, веројатно не можел да ѝ смисли толку сурова казна за Норвешка како објавувањето на милионите документи од досието за Џефри Епстин.
Серијата скандали почна со срамните пораки од норвешката крунска принцеза Мете-Марит, која редовно комуницирала со финансиерот и покрај неговата пресуда од 2008 година за сексуална злоупотреба на деца. Дури и била на одмор во неговата озлогласена вила во Палм Бич. Таа се извини, изразувајќи „длабоко жалење“ за пријателството, и се чини помина подобро од многумина истакнати и моќни членови на норвешката политичка и дипломатска елита.
Иако спомнувањето во досиејата на Епстин само по себе не е индикација дека се прекршени закони, досиејата откриваат зачудувачка историја на поврзаност со човекот осуден за повеќедецениска сексуална злоупотреба на деца.

Најголемите последици засега ги трпат истакнатата дипломатка Мона Јул и нејзиниот сопруг, Терје Ред-Ларсен, кои беа архитекти на Мировните договори од Осло. Двајцата се под истрага од одделението за финансиски криминал - Ококрим, откако беше објавено дека Епстин им оставил на нивните деца 10 милиони долари во тестаментот, составен непосредно пред неговата смрт со „самоубиство“ во затворската ќелија во 2019 година. Јул, која е под истрага поради сомнение за груба корупција, поднесе оставка од функцијата амбасадор во Јордан и Ирак. Нејзиниот сопруг е осомничен како соучесник.
На премиера на претставата „Осло“ на Бродвеј, Ред-Ларсен од позиција на директор го претставувал Меѓународниот институт за мир, кој бил спонзор на настанот. Тој лично излегол на сцената и му се заблагодарил на почесниот гостин и „добротвор“ – Џефри Епстин. Новообјавените пораки откриваат дека Епстин всушност платил за спонзорството, без Ред-Ларсен да го извести Институтот за тоа.

Берге Бренде, поранешен министер за надворешни работи и претседател на Светскиот економски форум (СЕФ), е под сомневања откако документите покажаа дека лажел кога изјавил дека не знаел за злосторствата на Епстин. Двајцата размениле пораки за жена и заедно ручале во домот на Епстин во Њујорк. Во 2019 година тие разговарале за можноста СЕФ да ги замени ОН.

Поранешниот премиер и министер за надворешни работи Торбјорн Јагланд, генерален секретар на Советот на Европа и претседавач на Нобеловиот комитет за мир, веројатно прифатил луксузни одмори на имотот на Епстин во Палм Бич и на неговиот приватен карипски остров. Тој побарал лични заеми од финансиерот. Одделението за економски криминал сега води истрага против Јагланд под сомнение за „тешка корупција“. Јагланд негира дека сторил нешто лошо.
Норвешка има егалитарна култура, релативно ниски нивоа на нееднаквост и високи нивоа на доверба. Општо земено, не сме познати по тоа што „ги фалиме познатите луѓе“ како поединци. Бидејќи нашите илузии за глобалниот углед на Норвешка сега се разбиени, ткаенината на тој општествен договор се чини дека е загрозена, пишува Синдре Багстад за Гардијан.