Во извештајот за 2025 година, комесарот Брајан Левесон наведува низа пропусти и сериозни прекршувања во начинот на кој владата на Британија ги користи своите овластувања за надзор на граѓаните. Некои инциденти се влечат со години, без санкции и лоцирање одговорност.
На пример, уште во 2024 година било откриено дека Службата за дигитално разузнавање GCHQ изгубила „значителен број“ мемориски стикови и дискови со податоци од следење на сомнителни лица. Службата до денес не утврдила ни колку стикови се изгубени, но признава дека станува збор за „илјадници“.
GCHQ дури сега нарачала алатка за следење на уредите за складирање податоци. Тврди дека не е предизвикана значителна штета, затоа што податоците на повеќето од изгубените мемориски уреди биле заштитени со шифра. Сепак, тоа целосно не го исклучува ризикот дека заштитата може да биде пробиена и да се откријат чувствителни податоци за следени лица.
Ова не е единствениот инцидент за GCHQ спомнат во извештајот. Нејзината програма за идентификување лица поврзани со тероризам означила како осомничени најмалку пет невини луѓе. Како последица, тие биле третирани како терористи - им биле одземени телефоните, биле приведени и им биле земени биометриски податоци. Сепак, никој во GCHQ не презел одговорност и случајот воопшто не бил евидентиран како грешка. Инцидентот е објаснет со „невообичаено однесување на апликација што ја користи мал дел од јавноста“.
Во извештајот на Левесон се открива и дека контраразузнавачката служба, MI5 доставила лажни докази до надлежните судови за случајот „Агент X“ – офицер што на новинар на ББЦ му потврдил идентитет на заштитен доушник.
Издвоен е и случај од неименуван затвор, во кој нелегално биле снимани разговори на затвореник со неговиот адвокат. Затворската управа по грешка го идентификувала адвокатот како „лице за социјален контакт“.
Наспроти сите пропусти наведени во извештајот, во Обединетото Кралство има нови законски иницијативи за проширување и официјализирање на овластувањата за надзор, биометриско следење и пристап до дигитални податоци. Министерство за внатрешни работи објави планови за воведување нова законска рамка за употребата на камери за препознавање лица во живо, биометриски податоци и на системи што проценуваат емоции или намери.