Пред неколку години, на група жени во години им здосадило да ги гледаат старите и излупени клупи на Пјаца Кардучи во Болоња. Наместо да кукаат, на локалната власт им понудиле сами да ги обојат. Тоа звучи како лесно "да" за одговарање меѓутоа идејата западнала во бирократска дупка: од процедурални формалности па до безбедносни грижи, на пример, кој ќе одговара ако некоја жена се повреди при работата и после побара судска отштета?
На крајот работата се средила и на жениве им дале четки и боја, но тоа истовремено послужило и како повод градот одново да промисли како можат граѓаните и локалните власти да соработуваат поефикасно. Тоа резултирало со Декларација која по нејзиното усвојување во Болоња во 2014-та, ја прифатиле уште 60 италијански општини. Листата на иницијативи спроведени под таа платформа е импресивна (на италијански, ја имате тука) и има сешто: разубавување на делови од градот, пребојување стари ѕидови, чистење паркови и улици како и многу општествени иницијативи од типот компјутерско описменување стари лица или помош на жртви на сексуално насилство. Едно маало добило 15 точаци за да ги користи комшилукот а градот нуди напуштени објекти за потенцијално добри стартапи.
Декларацијата првенствено го олеснува волонтирањето на оние кои сакаат да се вклучат во некоја иницијатива на градот и процедурално го поедноставува помагањето на градот на граѓанските идеи.
Не е чудно што една ваква идеја е родена токму во Болоња, дом на најстариот Универзитете во западниот свет кој има постојан обрт на млади и креативни луѓе.
Кај нас ова тешко, нели? Заради безброј вакви или онакви фактори. Знаеме за една скопска иницијатива која сакаше да го шири рокенрол духот во градот па барапе волонтери. Едно од главните прашања на заинтересираните било:
- А колку плаќате за волонтирање?
Од друга страна, не еднаш сме изгорени од локалните власти па сума сумарум, го имаме оној став: или не можеш да ги поднесеш или пак ако мислиш дека пробуваат да направат нешто добро, си седиш на страна за духот на паланката партиски да не те етикетира.
Со други зборови, многу сме за греота.