Коосновачот на Мајкрософт смета дека е потребна „нова глобална катастрофа“ за да се убедат луѓето дека предупредувањата за ризикот од вештачката интелигенција се точни и дека се неопходни построги правила за контрола.
Можеби ќе мора да претрпиме некои од негативните последици, пред да реагираме толку обемно колку што би требало, вели Гејтс.
Според неговото сценарио, тоа би се остварило со инциденти кои нема да ја уништат цивилизацијата, но би биле доволно сериозни за да предизвикаат реакција од владите.
Гејтс тврди дека биолошка катастрофа поттикната од ВИ веројатно би била 50 пати пострашна од природно настаната пандемија.
Историски гледано, за синтетизирање на смртоносни вируси беа потребни специјализирани знаења. Најсовремените модели со ВИ значително ги намалуваат техничките пречки за конструирање патогени, па синтетизирањето на вируси стана полесно... Биолошки инцидент помогнат од ВИ би можел да резултира со 15 милиони дополнителни смртни случаи на глобално ниво во споредба со ковид-19 во периодот помеѓу 2020 и 2021 година, изјави Гејтс.
Тој повторно ја опиша вештачката интелигенција како „најопасната технологија што луѓето некогаш ја измислиле“ и тврди дека производителите не може да бидат оставени самите да се грижат за безбедноста на агентите со ВИ, особено по инцидентите во кои неколку модели избегаа од контрола.
Гејтс со месеци наназад повикува на меѓународна координација на новата технологија, според моделот на постоечките спогодби за другите индустрии со висок ризик, како нуклеарните материјали, авијацијата или производството на лекови, кои се регулирани со закони и со строги контроли.
Вештачката интелигенција секако е доволно моќна за да предизвика инциденти со милијарда смртни случаи. Никогаш немало нешто поопасно од комбинацијата на злонамерни луѓе со најновите алатки за ВИ. Кога нема заштитни мерки во текот на идната година ќе имаме многу негативни изненадувања, изјави Гејтс во септември за НБЦ.