Зошто Латиносите му свртеа грб на Трамп

Клучниот фактор за изборниот пораз на републиканците беше губењето на поддршката од Латиносите. Оваа заедница реагираше на лошо спроведената акција против миграцијата, што не значи дека ги прифаќа идеите на демократите. Во голема мера го посакуваат истото што и повеќето Американци: добра плата, семејна куќа, квалитетни училишта и јавна безбедност.

Потпретседателот Џеј Ди Венс, обраќајќи ѝ се на својата база на Американци чии корени се навраќаат до раната република, ги  посочи војната во Иран и врските со Израел како главната причина за поразот на републиканците на изборите за Конгресот. Либертаријанскиот печат, пак, ги нуди свои омилени објаснувања: хаотичните политики на Трамп за царините, кои несомнено им наштетија на гласачите во пограничните држави.

Но, клучниот фактор за поразот беше губењето на поддршката од Латиносите. Во 2024 година, републиканците имаа поддршка речиси еднаква на онаа на демократите меѓу гласачите од латиноамериканско потекло. Во 2026 година, демократите водат со сооднос 2 спрема 1.

Причината е јасна: сеопфатниот напад на Трамп врз сите имигранти без регулиран статус – политика која Венс некако никогаш не ја спомнува, исто како што не ја спомнува ни корупцијата. Оваа погубна политика би можела дополнително да се интензивира под водство на Стивен Милер, фанатичен противник на имиграцијата, поставен за нов шеф на кабинетот на Трамп, забележува колумнистот на Spiked, Џоел Коткин.

Во 2024 година, латиноамериканските гласачи главно ги поддржуваа политиките на Трамп за обезбедување на границата и апсење на нелегални мигранти кои сториле кривични дела. Но, никогаш не би поддржале прогонот на мигранти кои се невини и вредни луѓе, нивни соседи. Лошо спроведената акција против миграцијата не ги одврати само Латиносите, туку и поголемиот дел од Американците, претворајќи ја темата што за Трамп беше најсилна во една од неговите најслаби точки.

Обидот да се прикажат Латиносите како луѓе кои се првенствено лојални на својата етничка заедница е едноставно погрешен. Студија на Civitas покажа дека оваа групација во голема мера го посакува истото што и повеќето Американци: добра плата, семејна куќа, квалитетни училишта и јавна безбедност. Она што најмалку им е важно е да живеат со луѓе кои изгледаат како нив.

Критично е што Латиносите се пооптимистични од белите Американци. Сè уште веруваат и го негуваат Американскиот сон, а мнозинството верува дека сè уште можат да го остварат. Тие се, ако ништо друго, повеќе „Американци“ во работната етика и религиозната вера од „Американците по потекло“ на Венс. И, за разлика од сомалиската заедница во Минесота, тие не се стремат да го донесат исламизмот во Америка и во огромно мнозинство ги одразуваат суштински христијанските вредности на повеќето Американци.

Латиноамериканците, заедно со Азијците, ќе ја дефинираат американската иднина. Нивниот комбиниран удел во населението на САД сега е една четвртина, но ќе се зголеми на една третина до 2050 година. Во периодот помеѓу 2020 и 2030 година ќе сочинуваат 78% од новите работници во САД. До 2060 година, учеството на Латиноамериканците во вкупната работна сила ќе се удвои на речиси 30%. Денес, Латиносите основаат повеќе бизниси по глава на жител отколку која било друга расна или етничка група во САД.

Иако се оддалечија од републиканците, нивните севкупни цели се „поамерикански“ отколку што можеби претпоставува левицата. Сакаат да живеат во безбедни заедници. Тие се, исто така, една од етничките групи што најмалку поддржуваат кратење на средствата за полицијата. Тие се најбрзо растечката група во вооружените сили и сочинуваат околу 20% од вкупниот број на активен воен персонал.

За да се вратат во игра, републиканците ќе треба да одат подалеку од нивната претежно бела база на MAGA, на која се фокусираат Венс и неговите следбеници. Треба да се привлечат со економска мобилност, реиндустријализација и можности за поседување дом. Во 2024 година, републиканците го изнесоа овој аргумент, комбинирајќи поконзервативен културен став со економска агенда.

Но оваа година, имиграциските ексцеси на Доналд Трамп ја покрија непопуларната културна агенда на демократите, а корупцијата и обновената инфлација го направија останатото. Ако Републиканската партија се држи до својата нативистичка агенда, треба да се подготви за долг престој во кантата за ѓубре на политичката историја, пишува Коткин.

11 ноември 2026 - 15:51