Французите ќе ја спасат планетата ако постат без месо?

Француската влада ги повикува граѓаните повеќе да јадат помфрит отколку месо. Во нова национална стратегија им објаснува дека со постењето ќе бидат поздрави, а во исто време ќе ја спасат планетата од штетните гасови од прехранбената индустрија. Успешноста на стратегијата на Париз најмногу ќе зависи од тоа како земјоделците ќе ги „сварат“ овие препораки.

Националната стратегија за храна, исхрана и клима ги дефинира целите на француската влада до 2030 година за поздрава исхрана на граѓаните во пакет со намалување на емисиите на стакленички гасови.

Новите упатства до Французите се да се фокусираат на исхрана со повеќе овошје, зеленчук, интегрални житарки, како и риби и млечни производи. Во исто време треба да се воздржат од консумирање месо, сувомеснати производи и преработено месо. Ако веќе се користи, месото да биде од француски производители, а не од увоз.

Тоа е сосема спротивно од САД, каде што администрацијата на Доналд Трамп неодамна им препорача на Американците да вклучат повеќе црвено месо и полномасни млечни производи во исхраната.

Иако се наведува дека „ограничувањето“ на месо во исхраната придонесува за подобро здравје, иницијативата не потекнува од нутриционисти, туку од Граѓанската конвенција за клима. Владини податоци укажуваат дека една четвртина од сите емисии на јаглеродни гасови во земјата потекнуваат од производството на храна, а преработката на месо претставува две третини од таа количина.

Храната е централна во нашиот секојдневен живот: таа ги одразува нашите традиции, вкусови и избори и обезбедува можности за споделување. Но, таа е исто така големо прашање за јавното здравје, еднаквоста и суверенитетот... Нашиот избор на храна влијае врз нашето здравје, нашата животна средина и нашата економија, пишува во документот.

Стратегијата се покажа како експлозивно политичко прашање поради големиот и моќен земјоделски сектор. Заеднички изготвена од министерствата за здравство, за земјоделство и за екологија, требаше да биде објавена уште во 2023 година, но беше блокирана од тогашниот премиер Франсоа Бајру поради несогласувања за дозирањето со препораката – дали да биде „намалување“ или „ограничување“.

Француските земјоделци неодамна организираа масовни протести поради потпишувањето на договорот за слободна трговија помеѓу Европската Унија и блокот од четири јужноамерикански земји, загрижени дека порастот на увозот на говедско месо и други земјоделски производи ќе ја намали нивната конкурентност. Првата јасна реакција за новата стратегија ќе се види идната недела во Париз, каде што претседателот Емануел Макрон треба да го отвори традиционалниот и популарен земјоделски саем.

13 февруари 2026 - 11:17