Секој политички систем создава административна документација. Сепак, Европејците ја издигнаа ситната бирократија од обична неопходност на ниво на уметност. Различните нивоа на власт создаваат правила, кои потоа – честопати со негодување – ги спроведуваат други нивоа на власта. Ако постои нешто како „европски начин на живот“, тогаш тој се состои од пополнување формулари во три примероци.
Дури и кога бирократијата функционира беспрекорно, обидете се да водите бизнис во оваа средина. 27-те земји на ЕУ заедно регулираат пристап до повеќе од 5.700 професии – над 200 по земја – од оние секојдневните, па сè до сосема непознатите и ретките. Тешко на оној што сака да стане мајстор за плочки, експерт за печурки или копач на бунари, а сака да започне работа во Унгарија. Ќе мора да помине низ полигон од разни сертификати. Бидејќи прописите се разликуваат од земја до земја, малку е веројатно дека на полски електроинженер ќе му биде дозволено да поправи дефект, на пример, во соседна Литванија.
Толку од фалениот единствен пазар на ЕУ. Секоја земја има свој закон за работни односи. Само оној на Луксембург е дебел 2.160 страници.
Некои земји, како Естонија, се обидоа да го скротат „ѕверот од хартија“, воведувајќи дигитално поднесување документи како стандард. Сепак, Европа сè повеќе наликува на место каде што сè е забрането, освен ако не е изрично дозволено. Сакате да им понудите попусти на купувачите? Во многу земји на ЕУ тоа е строго забрането, освен ако промоцијата не се одвива во неколку точно определени недели од годината. Германско училиште што сака да набави учебници, според правилата на ЕУ, ќе мора да распише јавен тендер. Но, бидејќи цените на книгите се фиксни според германските прописи, сите понуди од добавувачите пристигнуваат со идентична цена – па договорот на крајот се доделува со ждрепка.

Данокот на додадена вредност (ДДВ) – европски изум што подоцна се прошири низ целиот свет – е извор на неверојатни административни апсурди. Во Холандија до лани храната за зајаци се оданочуваше со 9%, додека сопствениците на хрчаци мораа да платат 21%. Официјалното објаснување е дека зајакот еден ден може да заврши како оброк. Дури и за часовите по јога важат различни стапки на ДДВ, во зависност од вложениот физички напор и потењето.
Секое барање за градежна дозвола, од Полска до Португалија, претставува бирократска одисеја во која мора да се земат предвид навиките за парење на локалните видови гуштери и полжави – без оглед на итната потреба за нови домови. Предлогот за зголемување на капацитетот на аеродромот во Даблин во 2023 година опфаќаше 7.000 страници. Целиот материјал мораше да се испечати за да им се достави на надлежните органи, кои потоа повторно го скенираа.
Европската администрација во Брисел во последно време се обидува да се претстави како застапник за дерегулација. Теоретски, секој трошок наметнат со нов пропис мора да биде компензиран со укинување на некој постоечки пропис. Понекогаш истиот.
Ова лето стапи на сила закон за еколошка амбалажа, кој бара од секоја компанија што продава стока преку границите да назначи локален застапник во секоја членка на ЕУ. Откако со задоцнување сфатија колку е апсурден планот, функционери во ЕУ се обидоа да го отфрлат. Но, законот стапи на сила пред да се постигне договор за негово укинување. Сега официјалните лица се надеваат дека никој нема да инсистира на негово спроведување.