Квалификации за коментирање по портали

Рамбо Амадеус дури и за општата изборна демократија предлагаше да се воведе некој базичен тест за интелигенција, за некако да бидеш посигурен дека оние што ти гласаат пратеници и влада имаат појма што прават. Исто е и со онлaјн коментирањето, само што, за среќа, тоа е полесно да се спроведе. Инаку, под нашиве текстови ќе требаше да читате типови како Никола Наумовски.

За заразната отровност на коментарите под текстови сме пишувале и претходно, а поради истото нив ги немаме и на нашиот сајт, освен на содржини генерирани од самите читатели. Ако некој сака да го изнесе своето уважено, агресивно и најчесто небитно мислење, тоа може да го направи на друго место.

На истиот начин подолго време функционираат (или од неодамна почнаа да функционираат, откако видоа дека нема друго чаре) и куп други светски сајтови, на кои опција за коментари или воопшто не постои, или пак има цела армија модератори што секојдневно напорно работат за секцијата „коментари“ да изгледа како цивилизирано место.

Пред десетина дена, НРКбета, сајтот на норвешкиот јавен радиодифузер НРК, очигледно размислувајќи „надвор од кутијата“, понуди сосема нов концепт, кој овозможува коментирање, но условно - само ако се одговори на три прашања во врска со соодветната статија. Прашањата се така формулирани за да биде јасно:
1) дека оној што коментира навистина го има прочитано текстот,
2) дека ја разбира неговата содржина, и
3) дека коментаторот е баш навистина скроз ептен амбициозен да коментира, штом не го мрзи да ја заврши и оваа формалност.

На овој начин се смета дека коментарите не само што драстично ќе се намалат по број, туку дека ќе станат и порелевантни, бидејќи и оние негативните барем ќе бидат информирани за што побогу станува збор.

„Се обидовме да се осигураме дека луѓето се свесни за што коментираат пред да го сторат тоа. Ако сите се сложат околу темата на статијата, тогаш се добива многу подобра база за дискусија“, вели новинарот на НРКбета Стале Грут.

Притоа е земен предвид и еден друг значаен психолошки момент - 15-те секунди минати во одговарање на трите прашања се можеби токму оние што ќе ги омекнат оние првите, најагресивни пориви за навредување и мрчење, па веќе во 16-тата човек може малку поразумно да формулира став (кај нас оптималниот број прашања оттаму би можел да биде, на пример, 20)

Идејата за ваквата нова организација на коментарите на сајтот се наметнала откако под сторија за онлајн-форум што постирал фотографии од малолетни Норвежанки коментарите толку се вжештиле, што морало да бидат избришани. Во моментов тестот се појавува само на пар текстови дневно, но доколку системот се покаже корисен, намерата е да биде стандарден дел од сајтот.

Во меѓувреме компанијата Алфабет, која е произлезена од Гугл, најави дека работи со Њујорк тајмс, Економист, Гардијан и Википедија за да тестира нова алатка наречена „Перспектива“, која користи машинско учење за да идентификува „отровни коментари“. Сличен проект е и „Корал“, иницијатива на Тајмс, Вашингтон пост и фондацијата Мозила, за креирање бесплатни алатки за сајтовите со вести да можат да го подобруваат нивото на комуникација помеѓу и со читателите.

*****

За Наумовски, една од смешките (тагови: Ванчо Орданоски), која со години е опседната со нас. Тој на Твитер деновиве напишал:

Значи, кога ТОЈ го посетил нашиов сајт, видел дека не сме пишувале за она што СИТЕ ДРУГИ го напишале (Иванов не му дал мандат на Заев, Заев рекол дека е тоа државен удар, Хан на Твитер порачал тоа и тоа, Могерини дошла така и така....). Го држиме во информативен мрак малиот! Зошто тој не побарал информативно чаре ЗА КРИЗАТА кога веќе стотици сајтови пишувале за сето тоа? Јеби га.

На секој што имал можност да се запознае со Никола Наумовски, јасно му е дека тој, просто, е еден глупичок човек. Но дури и да сте ја немале таа шанса, и на дебил би му станало јасно дека во сите тие години во кои некој ќе кука за тоа ШТО ИМА, а ШТО НЕМА на некој сајт, истиот ќе научеше да дизајнира, да програмира, ќе направеше свој сајт, ќе го разработеше и ќе можеше да објавува за што сака.

Ама не. Полесно е да немаш никаква содржина во себе, никаква вештина, професија или занает, со години да не откриеш за што те бива, туку да се претставуваш како „активист“ што чат-пат ќе го сликнат како со мегафон изговара „пароле што страшно звуче“.

Блажени се раскошно неталентираните. Нивно е царството активистичко.