Смртта е една од најомилените теми на комедијата и тоа е разбирливо бидејќи хуморот е еден од најефикасните олеснувачи и релативизатори на најдлабоките човечки стравови. Па сепак, неодамнешна студија студија на Австралиски универзитет објавена во меѓународен журнал за кардиологија вели дека колку еден човек е посмешен, толку има повеќе шанси да умре помлад.
Студијата ги споредувала средните возрасти на кои умираат три групи актери - драмски актери, актери во комедии и стенд-ап комичари и податоците велат дека последниве имаат двојно повеќе шанси да умрат помлади од првите. Во години, стенд-ап комичарите умираат 2,5 до 3 години помлади од своите колеги со драмски ролји и две години пред филмуваните комедијанти.
Дополнителна кисела насмевка предизвикува и открититето дека колку еден комичар од јавноста е оценет како посмешен (според публиката на Ranker), толку има повеќе статистички изгледи смртта да му се насмее порано од другите. На пример, во однос на оној кој е рангиран на 150-то место, 50-то пласираниот има 70% повеќе шанси да скине помлад.
Ако ја исклучиме сценската промаја како причина за раната смрт на стенд-ап комичарите, дел од причините лежат во нивниот начин на живот. Тоа се осамени изведувачи кои патуваат и настапуваат сами без групна поддршка која би можела да ги брани од налетите на депресијата. Не џабе некои од најсмешните луѓе на планетава приватно биле мрачни и облачни луѓе а психолошките проблеми на комичарите веќе се истражувани во посебни студии.
Причините за раната смрт на засмејувачите на народ се слични на оние кај соло музичарите.
„Иако бендовите знаат да бидат ужасно напорни а атмосферата во нив крајно конфликтна (Аеросмит, Стоунси, Калт, Оезис....), групата помага да се поднесе товарот на славата“, пишавме во статијата „Како да се преживее како соло музичар?“.