Најчести грешки во 40.000 CV-a

Се разбира, на Никола Тесла или Стив Џобс никогаш не им било потребно да напишат CV. А сега, прашајте се дали сте вие новиот Тесла или Џобс. Ако не сте, тогаш елајте.

Tина Николаи проценува дека од моментот кога го започнала сајтот Resume Writers' Ink во 2010-та, има прочитано повеќе од 40.000 биографии. Тоа се стварно многу резимиња, и повод да се резимираат најчестите пропусти кои се повторуваат во голем број од нив. Некои на прв поглед не се страшни, но на некој високо компетитивен пазар на труд, токму таа една мала грешка може да значи добивање на работата од соништата или фрлање на биографијата во ѓубре.

А заебете го она алиби „нашава држава само партиска припадност  гледа“. Ако инсистирате да работите баш државно (во ваква држава), тоа многу говори за вас.

1. Фушерај
 

Какви ќе бидете на работата на која конкурирате ако самото резиме го направите аљкаво? Оние кои бараат работа често не обрнуваат внимание на деталите. Мрзливи се, прават коректорски грешки, користат непрофесионални фонтови (на пример Comic Sans), информациите во биографиите им се застарени или ирелевантни.

2. Предолги описи
 

Биографиите често имаат преформален тон и вклучуваат премногу придавки („Способен комуникатор и креатор на содржини. Вешт во пренесување комплексни мисли на концизен, јасен и атрактивен начин. Флексибилен, одлучен и ентузијастичен...“) На овој начин тие почнуваат да звучат како поглавје од некаква (досадна) книга. Подобро е сопствените вештини да се опишат во неколку издвоени подточки.

3. Голем број „помодарски“ зборови
 

Биографиите се полни со изрази како „креативно размислува“, „тимски играч“, „исклучителен комуникатор“...Ама ако некој навистина е „решавач на проблеми кој добро работи во тим“ тој или таа би требало да се доволно креативни за во резимето да не користат вакви излитени зборови, кои всушност ништо не кажуваат.

4. Почнување реченица со „одговорен за...“
 

Ова е уште една работа што се должи на мрза. Кандидатите не разбираат дека оној што ги чита нивните резимиња не сака да знае за што биле одговорни, туку дали и како ја вршеле својата работа. Со мал дополнителен напор треба да се објасни што сте постигнале, а не што било очекувано од вас да постигнете.

5. Преформален тон
 

Работодавците сакаат да знаат дека имаат работа со реален човек од крв и месо, а не со „бот“. Работата е во добриот баланс меѓу лежерното претставување и почитувањето на конвенциите на жанрот „си-ви“.

6. Слепо држење до шемата
 

Онлајн се наоѓаат милион готови модели за пишување биографија. Но според Николаи темплејтот е како одело - секој треба да си го скрои според својот стил и личност. Тоа е само рамка која овозможува прикажување на она што сме го постигнале во животот, а е поврзано со работата за која аплицираме.

7. Користење чуден бел простор
 

Од една страна тискање премногу зборови на страница со мали маргини и мал фонт е вознемирувачко. Но важи и обратното - „океани“ бел простор со зборови кои пливаат во него без некој јасен распоред остава лош впечаток.

8. Користење преголем простор за контакт информации
 

Не мора во четири реда да ги наведувате името, адресата, мејлот и телефонот. Сето ова може да се скрати на име+број+мејл, затоа што секој ред во биографијата е вреден и не смее да се троши залудно.

****

* Како  изгледа CV-то на Мариса Маер од Јаху

* CV-то на Да Винчи

CV на македонски генерален менаџер:

* Искрено CV

8 март 2017 - 08:50