Има ли фајде што Меркел ги седна Г20 лидерите да ја слушаат 9-та симфонија на Бетовен?

Не може да се збори кој и како од 20-те лидери вечерта во новата сала на филхармонијата во Хамбург го доживеал делото на Бетовен, ама може да се каже дека ова е веројатно првиот пат кога овие 20 луѓе беа на едно место и цел час (речиси) никој од нив не отвори уста.

Локациски, Трамп е седнат во прв ред од ложата на местото кое, според музичкиот критичар на Лос Анџелес Тајмс, со сето право и припаѓа на германската канцеларка. Од едната страна е Меланија, од другата францускиот претседател Емануел Макрон, со минато на класичен пијанист, и неговата сопруга.

Меркел, по чија нарачка сите 20 лидери од самитот беа собрани во салата, е сместена зад Трамп и прилично ладнокрвна кон исполнувањето на симфонијата, иако на преносот неколку пати е фатена со инцидентна насмевка. Слично е расположението и кај Путин (дојден со доцнење од десетина минути) "кој можеби би изгледала посреќен кога некој од неговите омилени руски диригенти би бил на подиумот".

Пренесувајќи го својот впечаток за публиката, Марк Свед ги реди и останатите лидери:

- Британската премиерка, Тереза Меј, покажа дека не е пријател на уметностите, оставајќи впечаток дека попрво би била на кое друго место освен таму каде што е.

- Јапонскиот премиер Шинзо Абе слушаше со длабока почит; 9-та на Бетовен е почитувана во Јапонија и постојано се свири за време на Божиќните и Новогодишните празници.

- Премиерот на Индија, Нарендра Моди вртеше со прстите, што е дел од индиската традиција на слушање на традиционалните раги.

- Џастин Трудо, еден од најмладите лидери на самитот, барем на камера изгледа како најмалку да обрнува внимание. Неколку пати е фатен како и зборува нешто на сопругата, и покрај нејзините обиди да го замолчи.

"Што од Бетовен стигна до моќниците, и колку од тоа ќе остане во нив, никогаш нема да знаеме. Ако 9-та на Бетовен можеше да го сопре убивањето, Втората светска војна немаше да се случи. Нагано (диригентот) токму ова го кажува во забелешките од неговата снимка од симфонијата (од 2011). Таа идеја тој ја нарекува 'судбина' на симфонијата, порачувајќи дека во поголемата историска слика, 9-та подеднакво често 'успешно се спротивставува на ваквата злоупотреба и експлоатација.'

Светов имаше доволно историски Девети заради што е потребно многу за уште една да биде приближно важна. Оваа понуди момент на духовно единство, и ако имаме среќа тоа ќе биде доволно за а се создаде амбиент на добра волја која ќе се провлекува. Дополнително, благодарејќи на настапот на Нагано кој го постави правилниот тон, и непредвидливиот американски претседател кој исто така постави релативно соодветен тон, овој момент стана неочекуван културен триумф за Соединетите држави.

Тука се новите искушенија за Деветата на Бетовен. Дали е можно таа да е доволно моќна да го предомисли Трамп околу елиминирањето на Нациоанлната програма за уметности, што би значело помалку изведби на Бетовен за народните маси?" пишува Марк Свед во текстот за Лос Анџелес Тајмс.

 

12 јули 2017 - 15:56