Пролетта, 2012-та, професор по англиски во едно средно училиште во Масачусетс се качува на подиумот за да им одржи стандарден говор на матурантите, пригодно облечени во матурски одори и капи.
Целиот негов говор може да се сведе во неколку збора:
"Не сте до толку посебни"
По завршувањето на приредбата неколку луѓе му дофрлаат дека бил одличен но не ни помислува дека за само неколку дена ќе биде преплавен од меилови и барања за интервјуа а неговиот говор молскавично ќе се прошири во земјата, станувајќи предмет на анализи, дискусии, твитови и ретвитови а го користат и политичари и комичари.
А говорот на Дејвид Мекулох не е мрчење на еден средовечен џангризав професор. Напротив, неговата поента е сосема поинаква.
Градот во кој тој предава е познат по одличното јавно образование. А самата гимназија по фасцинантно високите оценки на тамошните средношколци. И токму тоа го секира професорот. Млад човек во таква средина е во постојан стрес од преголемите очекувања.
"Ако им ја тргнеме идејата дека секој нивен чекор е судбински важен, ако ги ослободиме од крутоста и им дозволиме да бидат нормални деца кои ги следат своите интереси, ќе добиеме многу поквалитетни образовани луѓе," мисли Мекулох со своето 26 годишно професорско искуство.
Тој се сеќава дека порано четворка не се сметала за лоша оценка ама компетитивноста довела до ситуација кога таа оценка е за лузери.
Според него, проблемот кој го имаат младите не е само врзан со оценките. Нивните родители растеле на асфалт, играле надвор сè додека не дојде време за јадење. Денешните деца растат врзани со појаси во кола. Постепено ја губат својата автономија, денот им е диригиран и полн со распореди а нивните родители упаѓаат со своја помош на секоја ситница, не оставајќи им простор да грешат и да учат од своите грешки, што е ужасно битно и формативно искуство.
Тој ги охрабрува своите ученици да не се оптоваруваат со правење идеални си-вија, да не се трудат да ги импресионираат другите, да не инсистираат да бидат посебни и специјални и да се обидат да уживаат во она што го прават. Им вика да патуваат, да го видат светот, да купат чамец, да работат на Хаити или просто да отидат до библиотека и да прочитаат нешто што ги интересира.
"Качи се на планина не за да закачиш знаме туку за да го победиш предизвикот. Уживај во воздухот и запомни го погледот. Качи се таму за да го видиш светот а не за тој да те види тебе," порачува умниот даскал.