Анкета на Арапскиот центар за истражување од пред две години, покажа дека 85% од испитаниците се против нормализација на односите со Израел. Арапите остануваат цврсти во поистоветувањето со палестинската борба. Ниту една арапска земја не е исклучок, од Арапскиот полустров до Северна Африка.
Светското првенство во Катар отвара нови прашања за местото на Палестина во арапската политичка свест и дали тоа е само уште едно од многуте политички прашања со кои се соочуваат Арапите.
Дури и Израелците, со своите прочуени разузнавачки агенции и наводното добро познавање на расположението помеѓу обичните луѓе во арапскиот свет, делуваат збунето.
„Наспроти тоа што верувавме, како либерали со отворен ум, дека судирот со арапскиот свет е судир помеѓу владите, а не помеѓу народите, Катар ни предочи дека омразата пред сè постои во умот на обичниот човек“, напишаа новинари на еден израелски медиум.
„Кога новинарите би размислувале со вистински - а не самопрогласен - „отворен ум“, би можеле да видат некаква поврзаност“, пишува Рамзи Баруд и додава:
„За Арапите, Израел ја симболизира историјата на западниот империјализам, воени окупации, расизам, насилства, политички мешања, воени интервенции, војни и уште повеќе војни, секојдневни слики од убави палестински момчиња и девојки кои се убиени од страна на израелските војници, насилни израелски еврејски доселеници кои насилно ги протераа Палестинците од своите домови и фарми, политичка ароганција и многу други работи“.
Лани тој бил на пријателски натпревар помеѓу мароканскиот Раја Казабланка и италијанската Рома. Иако помалубројни од домашните, мароканските навивачи биле поспремни, погласни, поорганизирани и оттаму, повпечатливи.
Мароканците пееле за Палестина и носеле карактеристични палестински марами. Срдечен гест, типичен за арапските навивачи. Кога навивачите почнале да го напуштаат стадионот, забележал дека нивната навивачка култура е целосно изградена околу Палестина. Тие толку го имаат интернализирано прашањето на Палестина во својот секојдневен живот, што кога Баруд прашал група марокански навивачи зошто користат палестински симболи и пеат песни за Палестина, се зачудиле.
„Палестина ни е во крвта. Љубовта за Палестина ни тече низ вените“, емотивно му рекол постар човек.
Палестинците, вели Баруд, се олицетворение на незалечените рани кај сите Арапи. Храброст и пожртвуваност. Непокор. Отпор. Надеж.
Арапското величење на Палестина не е поврзано само со Израел туку и со самите Арапи. Палестинското знаме е инспирирано од панарапското знаме од 1916-та, и низ годините стана обединувачки арапски симбол.
Фактот дека арапските фудбалски навивачки во Катар го избраа спонтано, без било какви официјални упатства или владини интервенции, и го користеа знамето како свој симбол на единство, кажува доволно за позицијата на Палестина во колективната арапска самосвест. Зборува и за тоа дека љубовта кон Палестина не е директен резултат на омразата кон Израел и дека Арапите не гледаат на Палестина само како на симбол на пораз и понижување.
Кога мароканецот Џавад Ел Јамик ја прослави победата над Канада, која им гарантираше пласман во нокаут фазата од Светското првенство, го подигна палестинското знаме. Во позадина мароканските навивачи скандираа и за Палестина и за Мароко.
За нив Палестина не е странски проблем, а нивното навивање не е само акт на солидарност. За нив Палестина и Мароко се синоними, кои претставуваат едно исто колективно искуство на пораз, борба, но и конечна победа.