Министерството за енергетика на САД објави јавен повик до енергетските компании да аплицираат за пристап до нуклеарен отпад што може да го преработат во гориво за напредни реактори. До 31 декември тие може да конкурираат за 19 метрички тони плутониум од демонтирани атомски бомби од времето на Студената војна.
Компаниите што ќе ги исполнат условите ќе можат побрзо да добијат лиценца од Комисијата за нуклеарна регулација, која е потребна за управување нуклеарна централа.
Две компании веќе најавија дека ќе аплицираат до владините резерви на плутониум - Окло, која е поддржана од Сем Алтман од ОпенАИ, и француската Нуклео.
Ова е обид на администрацијата на Трамп да ја поттикне нуклеарната индустрија во време на нагло засилување на потребата за струја. Блумберг предвидува дека растот на центрите за податоци што се користат за обука и управување со модели на вештачка интелигенција ќе предизвика побарувачката за енергија да се зголеми повеќе од двојно до 2035 година.
Во Мичиген и Пенсилванија до крајот на 2027 година треба да бидат вклучени во погон мали модуларни нуклеарни реактори, кои може да обезбедат до 300 мегавати енергија, но тие ќе ги задоволат само регионалните потреби. Модуларните реактори функционираат на ниско збогатен ураниум – Haleu, во чие производство доминира Русија.

Во 2024 година администрацијата на Џо Бајден го забрани увозот на руски ураниум, а САД произведуваат помалку од еден тон годишно. Трамп во мај издаде четири извршни наредби насочени кон зајакнување на нуклеарната индустрија, од кои две му наложија на одделот за енергетика да идентификува и да го стави вишокот гориво на располагање на конструкторите на реактори.
Експерти изразуваат загриженост поради ризиците од безбедноста на комерцијална употреба на плутониум или ако материјалот дојде во погрешни раце.
Освен ако нема гаранции дека ќе го заштитат како да е нуклеарно оружје, тогаш тоа ќе ја зголеми ранливоста кон кражба, предупреди физичарот Едвин Лајман.
Групите што аплицираат за пристап до залихите од плутониум мора да достават детали за нивните планови за рециклирање и производство на гориво направено од радиоактивниот материјал и за нивните безбедносни процедури.
Француската компанија Нуклео минатата недела се согласи да инвестира дури 2 милијарди долари во САД како дел од заеднички проект со Окло за развој на напредна инфраструктура за производство на гориво.
Со 92.000 тони потрошено гориво што го има во отпадот САД би можеле да имаат 100 години енергетска независност, изјави Стефано Буоно, основач и извршен директор на Нуклео.