Драган Марковиќ, новинар, публицист, писател, сценарист, политичар, а пред сè уредник кој остави свој печат во историјата на неделникот НИН, е автор на книгата „Забранетиот живот: Белград 1941-1944" објавена 1956, врз основа на која е снимена серијата во 13 продолженија „Отпишаните". Таа премиерно била прикажана во текот на 1975, а првата епизода зборува за акцијата на спасувањето од болница на Александар Ранковиќ, уапсен и мачен од Гестапо. Во серијата ликот на Ранковиќ е заменет со мајка и бебе кои се спасуваат од болница затоа што мајката е важна партиска личност.
Серијата, според белградско Време, е направена за новата генерација, која „не можела да се идентификува со бронзени јунаци со стиснати тупаници", како нова формула на негување на социјалистичкиот патриотизам, нешто слично на онаа на Балашевиќ „Сметајте на нас". Во интервјуата по повод „Отпишаните", чии први епизоди биле базирани на вистински настани, Марковиќ изјавувал дека намерата му била да покаже дека воените подвизи биле дело на обични луѓе, со доблести и маани, а не на некои светци на револуцијата.
Но тој не спомнал дека и самиот бил еден од ликовите кои ги опишува. Во зимата 1943/44 како активист на СКОЈ го уапсила специјалната полиција, па е спроведен во логор во Смедеревска Паланка, чиј официјален назив бил „Завод за принудно воспитување на младината". Од тоа место каде биле изолирани 1270 младинци, Драган побегнал во партизани, а од војната излегол со одликувања за храброст и со чин.
Со новинарство почнал да се занимава во весникот „Крила на армијата“, потоа преминал во Борба, во Комунист и во Политика, каде постарите новинари го забележале заради талентот да се занимава со теми од секојдневниот живот, она што тие го нарекувале „социјална хроника".
Добил југословенска награда за публицистика за книгата „Дали сме луѓе?" - мала но сурова приказна за насилно иселување среде зима на едно работничко семејство од мувлосана мансарда. Власта грубо го уапсила таткото, а болното бебе од шест месеци без знаење на мајката го однела во дом. Тоа до крајот на животот на Марковиќ му останува омилениот текст, иако заради него добил и тужби за клевета (за корумпираното судство), а ниту еден адвокат не сакал да го брани. Во моментот кога станал уредник на НИН, токму во 1975 кога е прикажувана и серијата, Марковиќ си поставил за задача да ги брка младите новинари од „сувата политика" како од божја казна, и да ги насочува кон општествени теми, што била и негова интимна новинарска филозофија. Во негово време НИН го надмина рекордот за тој вид списанија од 110,000 тираж. Младите новинари и целата редакција ги собирал на кафански маси, но не на боемско лумпување, туку на нешто што денес се вика „тим билдинг".
Со години е раскажувана анегдота според која при еден систематски преглед на редакцијата на НИН тие што пушеле и пиеле поминале мазно, а само еден од новинарите, кој бил ревносен спортист, завршил со опомена „да не престојува во ваква нездрава средина". Во меѓувреме тие што „поминале" на систематскиот сите умреле, а овој дисциплинираниот ги надживеал за 10-15 години.
Но на крајот на мандатот во НИН на Марковиќ почнале притисоци за тој да не се кандидира повторно, и тоа наводно од самиот Тито. До тогаш практично ниту еден главен уредник на НИН не заминал нормално од таа функција, туку под некаква директива. Но Марковиќ ова тешко го поднел - по заминувањето од НИН доживува инфаркт. Иако преживува, ова остава трага во неговиот иден приватен и професионален живот. Починал во 1996, на 75 години.
Податок за овој човек на интернет треба баш да се помачите да најдете. Него го спомнува во своите текстови Александар Тијаниќ, уште една (некогашна) перјаница на српското новинарство, кој бил еден од студентите „прибран" и граден од страна на Марковиќ. Но ако го гуглате неговото име постојано наидувате на еден друг Драган Марковиќ, што го викаат „Палма". Е, за него има сè.
Верзија од музиката од „Отпишаните" на која се игра и чочек