Koга музичарот Дерил Дејвис се запознал со член на Ку Клукс Клан, тој бил единствениот црнец во бенд кој настапувал на концерт пред целосно бела публика во Фредерик, Мериленд. По свирката, некој од публиката му пристапил за да му честита - „Не сум видел црнец да свири пијано како Џери Ли Луис", му рекол тој. „А што мислиш, кој него го има научено да свири така?", бил одговорот на Дерил. Така почнал муабетот со човекот кој му признал дека никогаш во животот не разговарал а уште помалку пиел - со црнец. Причина: бил член на Кју Клукс Клан.
Најпрвин Дејвис мислел дека типот се шали. Но овој му ја извадил членската карта, а потоа му го напишал и телефонот, со молба да го извести кога повторно ќе свири на истото место.
Оваа средба се случила во 1983, а е опишана во неколку интервјуа и во книга, како пример дека низ разговор е сепак можно да се надминат силните стереотипи. Приказната на Дејвис и неговото спријателување со човекот чиешто име не се споменува, коешто продолжило и на следни свирки на кои присуствувале и други членови на кланот, има врска со неговата храброст да преземе ризични чекори кои би можеле да променат нешто во јавниот дискурс по однос на табу теми.
Како дете Дејвис учел вон САД, во меѓународни училишта, со деца од различни раси и националности. На десетгодишна возраст се преселил во предградие на Бостон, Масачусетс, каде бил едно од двете црни деца во училиштето. При една парада со извидниците, на којашто го носел американското знаме, група луѓе почнале да фрлаат камења и шишиња кон него, а тој појма немал што се случува. Тогаш неговите родители прв пат му го објасниле концептот на расизам. Тој уште не можел да поверува дека некој којшто не го познава може да го мрази само заради бојата на кожата. „Мислев дека татко ми и мајка ми ме лажат", вели тој.
Неколку години подоцна наставникот го донел главниот на Американската нацистичка партија да одржи предавање пред децата. „Ќе ве вратиме во Африка. А Евреите во Израел. Ако не се вратите сами ќе ве истребиме во следната расна војна", изјавил тој пред децата. Дејвис бил фасциниран. Одлучил да ги анализира корените на расизмот од каков и да е вид, и тоа станало негова опсесија.
Токму средбата со „клановецот" станал клучниот момент во тоа негово истражување. Преку него се обидел да стапи во контакт со Роџер Кели, „Големиот змеј", односно локалниот водач на кланот. Иако му било речено дека ако му се појави на врата овој ќе го убие, Дејвис го сторил токму тоа. Нивната прва средба е опишана на овој подкаст. На кратко, таа завршила со тоа што Кели му дал визит-карта и се согласил да останат во контакт. Потоа доаѓал на гости кај Дејвис дома, а овој пак на седенките викал и црнци и белци и Евреи. Целта му била на Кели да му даде шанса да зборува со овие луѓе. Тој пак почнал да доаѓа и без телохранител, а и откако ја добил титулата Империјал визард, национален водач на кланот, продолжил да се дружи со Дејвис, канејќи го и кај него дома.
Со време Дејвис почнал да посетува собири на кланот. Тој јасно го искажувал својот став дека е против идеологијата на групата, но сепак се ракувал со луѓето и позирал за фотографии. Неговата логика била следна:
„Најважното нешто што го научив е дека ако активно се обидуваш да научиш нешто за другиот, ти всушност истовремено и пасивно го учиш за себеси. Затоа, ако имате непријател со спротивно мислење, дајте му простор да ги изнесе своите ставови, без оглед колку се тие екстремни. Притоа контрирајте му, но не безобразно или насилно. Направете го тоа љубезно и интелигентно. Ако го направите тоа така, шансите се дека и тие ќе настапат со реципроцитет, и ќе ви овозможат и вам простор. Така бетонот којшто ги поврзува идеите, и не им дозволува да мрднат, почнува да се крши и рони."
На крај, Роџер Кели го напуштил Ку Клукс Клан. Го следеле уште 12 членови. И сите тие му ја подариле „униформата" на кланот на Дејвис. Неговиот пристап всушност помогнал во распуштање на локалниот клан, и тоа само затоа што се спријателил со водачите и членовите - денес во Мериленд, Ку Клукс Клан не постои. Дури и кога доаѓаат групи од соседните држави, митинзите никогаш не им се многу посетени.
На оние кои му замеруваат на Дејвис дека се ракува со ѓаволот и седи на иста маса со него, тој им вели: „Еве ги овие качулки, висат во мојот шифоњер затоа што сум помогнал десетина луѓе да се откажат од нивните ставови заради тоа што сум разговарал со нив. Колку качулки си собрал ти?"