Често се вели дека Европа е искована во кризи. Но, колку сериозна мора да стане кризата за нашите лидери да ги здружат силите и да ја најдат политичката волја да дејствуваат? Речиси секој принцип врз кој е основана Унијата е нападнат“, предупреди Драги, откако во Шпанија ја доби наградата „Принцезата од Астурија“ за меѓународна соработка.
Тој вели дека перспективата за Европа е една од најтешките по обединувањето.
Го изградивме нашиот просперитет врз отвореност и мултилатерализам, но сега се соочуваме со протекционизам, еднострано дејствување и враќање на цврстата воена моќ. Проблемот е што нашето управување не се променило со години и европската структура што постои денес едноставно не може да излезе на крај со таквите барања, објаснува поранешниот италијански премиер.
За да се надминат економските, социјалните и безбедносните предизвици со кои се соочува блокот, ЕУ итно треба да се реформира и да ги промени своите договори, тврди поранешниот претседател на Европската централна банка и автор на извештајот за конкурентноста на ЕУ во 2024 година.
Како единствен одржлив пат тој го истакнува „прагматичниот федерализам“, кој би бил изграден преку коалиции на земји здружени околу заеднички стратешки интереси. Ваквите коалиции, според Драги, би можеле да создадат европски шампиони во индустриските сектори како што се полупроводниците или мрежната инфраструктура, намалувајќи ги трошоците за енергија и влечејќи ги напорите за иновации низ целиот блок. Со други зборови, тоа би значело Европа со повеќе брзини.
Ова федерализирање би барало од националните влади да се откажат од своето право на вето, нешто што досега наидуваше на отпор од помалите земји-членки на ЕУ кои се плашат дека ќе бидат дистанцирани од поголемите партнери.
Ова не е прв пат Драги да се залага за пофедерална Европа. Од позиција на италијански премиер тој во 2022 година ги своите колеги од ЕУ да го прифатат „прагматичниот федерализам“ и да стават крај на националните вета за да се забрза процесот на донесување одлуки во блокот.

******
Види и: На ЕУ ѝ треба дупло посилен Маршалов план, инаку пропаѓа