На ЕУ ѝ треба дупло посилен Маршалов план, инаку пропаѓа

ЕУ ќе треба масовно да инвесртира за да го запре сè поголемото заостанување зад САД и Кина, порача Марио Драги, претставувајќи го долгоочекуваниот извештај за конкурентноста на европската економија. Неговиот документ ќе биде стратешка насока за новата Европска комисија и во него има 170 препораки од кои клучна е дека на ЕУ ѝ требаат 800 милијарди инвестиции годишно.

Поранешниот италијански премиер и шеф на европската центраlна банка сугерира дека до средства за инвестициите би се доаѓало со заедничко задолжување на земјите членки на Унијата и дека тоа е клучен елемент за зголемување на конкурентноста на економиите на стариот континент.

„Ако Европа не успее да ја зголеми продуктивноста, ќе мора да ги намалиме нашите амбиции. Нема да можеме да бидеме лидер во нови технологии, модел за климатска одговорност и независен фактор на глобалната сцена. Едноставно, нема да можеме да го финансираме нашиот финансиски модел,“ порачува Марио Драги.

На извештајот на Драги се чекаше уште од почетокот на ова лето но неговото објавување беше одложувано за да не влијае на европските избори и изборот на шеф на Европската комисија која и го има нарачано извештајот.

Експертите на Драги проценуваат дека на Европа секоја година ѝ се потребни огромни инвестиции, најмалку 750 до 800 дополнителни милијарди евра годишно. Тоа се износи кои претставуваат меѓу 4,4 и 4,7 проценти од БДП на ЕУ, далеку повеќе отколку што изнесуваше фамозниот Маршалов план за обнова на Западна Европа, кој тогаш изнесуваше меѓу еден и два посто од БДП, се наведува во извештајот на 400 страници.

 

9 септември 2024 - 15:51