Мала држава со големи малигански амбиции - вака може да гласи слоганот на истражувачкиот проект кој го развива Грузија, за создавање лозови насади кои можат да опстанат на црвената планета.
„Ако навистина еден ден живееме на Марс, Грузија треба да придонесе со нешто“, изјавил Никлоз Доборгинидзе, основач на државната Агенција за истражување на вселената.
Иницијативата е наречена „9-ти милениум“, име кое асоцира на тоа колку долго Грузијците одгледуваат лозови насади. Таа спојува владини институции, академски енолози и бизнисмени. Групата ќе истражи како стојат работите во државниот репозиториум на лозови насади во Сагурамо, северно од Тбилиси, каде во моментов се одгледуваат 450 домородни сорти грозје и 350 странски. Студенти на Универзитетот во Тбилиси наскоро ќе ги тестираат ефектите на радијацијата, високото количество јаглерод моноксид и темепратурите под нулата врз повеќето од нив и ќе се обидат да ги пораснат оние кои ќе се покажат како најиздржливи врз симулирана марсовска почва.
Најмногу надеж се полага во сортата р`кацители која е вообичаена за Грузија, и воопшто на белото грозје, кое се смета за порезистентно на вируси, а веројатно и на радијација.
Ова не е прв алкохолен пијалок со вселенски амбиции. Анхеузер-Буш, производителите на пивото Бадвајзер, веќе имаат лансирано три пратки јачмен до Меѓународната вселенска станица за да видат како влијае микрогравитацијата на р'тењето и ферментацијата.
Грузискиот тим се надева дека ќе знае на што е до 2022 година. После виното ќе треба малку да одлежи, колку да го ослободи танинот и малку од малку да му спадне радијацијата.