Спомен од 8 Октомври 2021 година. Во бившата држава Југославија најтрофејни спортови беа ракометот и кошарката. Ракометната репрезентација на Југославија беше европски, светски и олимписки шампион, а РК Металопластика европски клупски шампион.
Од денешна гледна точка се радувам што РК Вардар како македонска екипа два пати стана европски клупски шампион. Но, ќе бидам искрен, љубоморен сум и ми е криво што наместо Вардар, не стана европски првак Пелистер. Зошто?
Своевремено, Пелистер беше голем бренд и во Југославија, но и во Европа. Било каде да гостуваше, за Пелистер се говореше со голем респект.
На Вардар тренер му беше Веселин Вујовиќ, некогаш најдобар лев бек во светот. Мене за неговото име, а најверојатно и поголемиот број повозрасни битолчани, меморијата не врзува за еден немил настан кој се случи во далечната 1988 година во Битола.
Поточно, повозрасните љубители на ракометот најверојатно се сеќаваат на големото ривалство помеѓу Пелистер и Металопластика. Нивните меѓусебни ракометни пресметки секогаш беа дерби на колото и предизвикуваа голем интерес.

Салата Младост секогаш беше претесна да ги прими сите љубители на ракометот од Битола, но често и од околните градови. Мечевите секогаш се играа во спортска и фер атмосфера се до фамозната 1988 година.
Тој дерби натпревар засекогаш ќе ги смени добрите односи од историјата на двата клуба. Дербито од ракометниот шампионат на Југославија кое се одигра во Битола ќе остане запаметено како: НАЈГОЛЕМАТА ТЕПАЧКА ВО ИСТОРИЈАТА НА ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ РАКОМЕТ, во која подебелиот крај го извлекоа гостите.
Играчите на Металопластика од Шабац беа претепани, а дресовите им беа искинати.
Натпреварот беше замислен да биде „празник на ракометот“ и еден голем ракометен спектакл, но за жал заврши жалосно, срамно и спротивно од интересите на спортот.

Имено, пред почетокот на натпреварот на теренот влезе качен на мотор диригентот на битолските навивачи Мате Шундовски, кој направи еден круг за публиката да „падне во транс“ подржуваќи го со овации.
Гостинските ракометари подлегнаа на атмосферата и Исаковиќ (во тој момент најдобро лево крило во светот) промаши пенал. На 2 секунди пред крајот Пелистер водеше со 26-25, за да ВУЈОВИЌ постигни гол наводно по истекот на регуларното време.
Во тој момент Вујовиќ, Исаковиќ и другите ракометари се стрчаа на записничкиот стол, а Вујовиќ го искина записникот. Подоцна се правдаше дека наводно не го искинал, односно тој му се залепил на лепакот од прстите, иако на очиглед на целата публика тој сепак го искина записникот и беше главен виновник за немилиот настан.
Миле Исаковиќ, доби неколку удари со нога во глава. Ден по натпреварот, главата му беше цела во завои, исто така и десното око. Повреден беше и Вујовиќ и другите ракометари. Исаковиќ ќе изјави: „Не знам кој ме држеше, но знам дека со раце и нозе ме удираа Крстевски и Зечевиќ. Им возвратив колку што можев. Но, тепаа сите и играчите на Пелистер и публиката и полицијата.

ДРАКОНСКИ КАЗНИ
Дисциплинската комисијата на Ракометниот сојуз на Југославија донесе високи казни за актерите на инцидентот.
Ракометарот на Пелистер Цане Крстевски беше казнет со доживотна забрана за играње ракомет, а неговиот соиграч Зоран Зечевиќ беше казнет со 3 години забрана.
Слободан Кузмановски од Металопластика доби 2 години, неговиот клупски другар Миле Исаковиќ една година, а Веселин Вујовиќ 9 месеци.Подоцна, некои од овие казни беа намалени.
Поради лошата организација, покрај парична казна, Пелистер беше казнет и со забрана за играње во салата Младост од 5 натпревари.
Мечот беше регистриран со конечен резултат 26 : 26. Металопластика таа сезона ја освои шампионската титула, а Пелистер со пласманот во четвртфиналето на ЕХФ Купот го оствари наголем клупски успех во европските натпревари.
Заклучок односно поука: Било некогаш, но никогаш да не се повтори.
На 1:18:30 е голот на Вујо, а потоа и хаосот.