Раул Хименез дебитираше на Светски првенства уште во 2014-та, а потоа играше за Мексико уште и на Мундијалите 2018 и 2022. Но секогаш се враќаше дома без голови. А сега постигна погодок на натпреварот на отворање, пред своите навивачи.
И не ги задржа солзите...
Во 2020-та година после страшен судар со глави со Давид Луиз, доживеа страшна повреда - скршеница на череп и лекарите едвај го вратиле во живот со тешка операција.
ГОЛОТ МУ ГО ПОСВЕТИ НА ТАТКО МУ, СО НЕГО ЗБОРУВАЛ ПРЕД СЕКОЈ НАТПРЕВАР
Додека преку 80.000 Мексиканци на стадионот и неколку милиони надвор го прославуваа голот, Раул Хименез ги крена рацете во вис кон небото. Го посвети на татко му кој починал во март годнава.
Возрасниот центарфор раскажал дека татко му му бил најголема поддршка во фудбалот. Се слушал со него пред секој натпревар, до последниот пред да почине.
Родителите на Раул работеле како стјуарди, често летале и подолго време ги немало дома, но тоа не се одразило на неговите тренинзи. Се сеќава како од детство многу често летал и тој поради работата на родителите а потоа лесно се адаптирал во други земји каде играл фудбал.
На 15 години кога бил во младинците на клубот Америка во Мексико, тренерот го предупредил Хименез-постариот: ако малиот не го смени односот, ќе го избркаме. Татко му му кажал на малиот, а Раул одговорил дека сака да остане и разбрал што значи тоа да се смени: давал повеќе од себе, се трудел, се жртвувал.

На година дена пред домашното Светско првенство во Мексико, татко му му рекол дека очекува од син му гол на Мундијалот. Тој често го штител Раул од критики и велел како син му на претходните Светски првенства немал доволно минути.
По смртта на татко му Раул продолжи да постигнува голови за Фулам, плачеше, клекнуваше на колена и покажуваше кон небото. И сега истото го направи дома во Мексико.
НЕ БИЛ ВИКАН ПРЕД СТАРТОТ НА СВЕТСКОТО 2026, А СЕГА Е ВТОР СТРЕЛЕЦ ВО ИСТОРИЈАТА НА МЕКСИКО
Во 2014-та година Хименез отпатува на Светско во Бразил како млад шпиц од Клуб Америка. Неколку месеци претходно постигнал луд гол со ножички против Панама и му помогнал на Мексико да се пласира на Мундијалот. Но таму останал резерва.
Селекторот Мигел Ерера тогаш ги користеше Џовани дос Сантос и Орибе Пералта во нападот па дури и Чичарито Ернандез влегуваше од клупа за резерви. Раул Хименез имаше кратка епизода на тоа Светско: против домаќинот Бразил дебитираше на најголемиот светски собир кога влезе во игра во 84' минута. Шест минути на терен, малку контакти со топка и 0 удари.

Против Камерун, Хрватска и Холандија преседел на клупа за резерви.
Во 2018-та Раул Хименез веќе стана познат играч. Зад себе имаше бројни голови во Атлетико Мадрид и Бенфика. Но работите во репрезентацијата на Мексико не се смениле. Чичарито беше прв шпиц, Ирвинг Лосано крилен напаѓач, Карлос Вела втор центарфор, Мигел Лајон хибридна опција на крило, а јунакот на приказнава џокер од клупа.
На Светското 2018 во Русија Раул Хименез влезе од клупа против Германија а потоа и против Бразил во 1/8 финале но пак без гол.
Во 2022-ра уште посложено. По тешката и страшна повреда - прелом на черепот тој се врати во фудбалот, играше со заштитна чалма и маска но во Катар 2022 не отиде во најдобра форма и поради други повреди.
Го викнаа на Светско а јавноста во Мексико барала наместо него да дојде тогашната млада ѕвезда Сантијаго Хименез кој сега е во Милан. Во Катар Раул влезе од клупата за резерви на сите три меча но не изгледаше баш свежо.
Исход: три Светски првенства, шест натпревари, ниеден старт ниеден гол.

Конечно во 2026-та дојдоа неговите пет минути. Корпулентниот центарфор кој играше за Клуб Америка (96 меча, 36 гола), Атлетико Мадрид (21 натпревар, 1 гол), Бенфика, Вулверхемптон (135 натпревари, 31 гол) и Фулам (98 натпревари, 28 гола) постигна прекрасен гол во победата на Мексико против Јужна Африка 2-1.
БИЛ НА РАБ ОД СМРТТА
Најстрашниот момент во кариерата на Раул Хименез и општо најстрашна епизода во англиската Премиер лига се случи во ноември 2020-та година. На меч за неговиот Вулверхемптон против Арсенал, Раул Хименез влегол во еден воздушен дуел за топка со Давид Луиз. Но наместо топка страшно силно се удриле глава во глава.
Раул изгубил свест, му давале кислород на сред терен а потоа брзо со носилки го однеле во болница. Мексиканскиот напаѓач доживеал тежок прелом на черепот и внатрешно крварење. Поради тоа бил подвргнат на итна операција зошто имал голем притисок во мозокот.
Кога состојбата ја стабилизирале, докторите рекле дека тоа било право чудо што Хименез воопшто преживеал. Раул не го памти моментот на ударот. Изгубил сеќавање на тој настан. Се сеќава само дека дошол на стадион, бил во соблекувална и излегол на терен. После тоа мрак....
Следното сеќавање му било од болница.
Никој тогаш не сакал ни да помисли ниту да спомне фудбал. Најважно било кога ќе се врати во нормален живот и ќе застане на нозе. Докторите не криеле дека после таква повреда тој е готов со фудбалот. Опоравокот траел подолго, со месеци.
Но Раул се врати. Прво тренирал индивидуално, а потоа со екипата. На терен се појавил девет месеци после повредата. И од тој момент до ден-денес игра со заштитен појас на главата кој му ја крие областа на повредата и намалува ризик од нов удар.
На крајот постигна најдраг гол во богатата кариера - за својот Мексико, пред своите навивачи дома на Светско првенство.