Светот е премногу мал кога неправдата е секојдневие

Појдете некогаш со автобус низ Скопје. Не со возило, не со предизборен видео-клип. Седнете меѓу народот. Гледајте ја вистинската Македонија. Не таа од билбордите и телевизиските спотови, туку онаа што дише тешко, чека, трпи и преживува. Во држава каде старецот се мачи како грешен ѓавол, нека не ве завараваат. Ништо не е исправно.

Тргнав да купам гравче на внуците од пазар, па ќе се симнам три станици подолу, ми рече една кротка старица, додека со помагалото и торбицата на тркалца се обидуваше да се качи во преполниот автобус утринава.

Се фатив себеси како морам како гладијатор да се изборам за едно место — не за мене, туку за неа. Замолив еден случаен млад и невоспитан патник да стане. Стана, со превртување на очите петпати, мислиш ќе го бесиме. Во оваа жабокречина од изгубени вредности, стар човек денес вреди само колку едно ливче во гласачка кутија. Верен гласач, дресиран со празни ветувања за „бесплатен превоз“ за безгрижна старост.

„Внуките ми се сираци,“ почна да ми раскажува. „Мајка им умре млада... се изнамачив да ги исчувам...“

И тогаш ме пресече мислата — ја знам оваа жена. Летоска ја сретнав пред еден супермаркет. Ми ја раскажа својата животна голгота, исполнета со болка, работа по туѓи куќи, и битка за да преживеат нејзините внуки, откако ќерката ѝ починува трагично.

Ќе речеш — Скопје е голем град, над 700.000 души. Но светот е премногу мал кога неправдата е секојдневие.

Не ја препознав од прва, но нејзината приказна ме потсети дека таа жена — токму оваа баба — ми се јави пред месеци, барајќи помош да најде негувател. „Имам 86 години, ќерко, не можам веќе сама,“ ми рече тогаш. Се јавив во социјално, вели таа, но оттаму ми кажаа да поминaле изборите.

Тоа е тој вистински одговор. Прво да седнат човеците, па потоа градоначалниците.

Бабчето се симна на станицата која едвај ја дочека — и таму ја дочека хаос.

Ѓубре натрупано до пешачкиот, не може да помине ни со помагалото, ни со торбицата. Кружи, бара пат. Таква е Македонијата на нејзината старост — преполна со ѓубре, празни зборови и тешки чекори.

Овие луѓе ја градеа државата. Со раце испукани од работа, со срца полни надеж. Младоста им помина во мака, староста им минува во борба за достоинство. Повеќето се поранешни стечајци, заборавени од системот што го создадоа со својот труд.

Затоа, појдете некогаш со автобус низ Скопје. Не со возило, не со предизборен видео-клип. Седнете меѓу народот. Гледајте ја вистинската Македонија. Не таа од билбордите и телевизиските спотови, туку онаа што дише тешко, чека, трпи и преживува.

Во држава каде старецот се мачи како грешен ѓавол, нека не ве завараваат. Ништо не е исправно.

Сандра Томовска

***********

Сандра во Бавчите: Персона нон града

25 октомври 2025 - 08:35