Ти нарачуваат текст на странски научно-популарен сајт, до 600 зборови. Темата те интересира, имаш што да кажеш, и ненавикнат да мериш колку си напишал не водиш сметка за истото. Едно време проверуваш дали си дошол до тие 600 и уште колку имаш фазла. Сфаќаш дека си напишал над 1000. Почнуваш да се ценкаш со уредниците, а тие реагираат зачудено бидејќи до сега никој не се осудил да побара таков исклучок. Велат - ок, еве ко за тебе 800. Стоиш пред монитор ко Моцарт пред царот од „Амадеус“, и си викаш, како да кратам кога тука нема одвишок ниту збор?
„Убиј си ги миленичињата“, гласи познатиот совет за пишување кој им се припишува на многумина, од Фокнер, преку Оскар Вајлд до Стивен Кинг. И чувството е навистина такво - мислиш дека секој збор ти е алтан, а секоја мисла скапоцена за иднината на човештвото. И - секако - не е така.
Во научните и техничките кругови постојат прирачници за одбегнување на тн. „жаргон“, односно за тоа како да се отарасиш од редундантни - одвишни изрази. Истите можат додуша сосема успешно да се применат и во обичното пишување, особено за наши локални услови во новинарството (телефонските муабети со фамилија и пријатели со одвишни повторувања на „ај“ - „ај“, „ок“ - „ок“, „ќе се чуеме“- „ќе се чуеме“, заслужуваат посебен пост). Прилагодена, листата на англиски до која дојдовме може да звучи отприлика вака (и да се обновува, речиси бесконечно).
„значајна бројка на“ - МНОГУ
„значајно количество од“ - МНОГУ
„мал број на“ - МАЛКУ
„во непосредна близина на“ - БЛИСКУ
„тие се на исто мислење“ - СЕ СОГЛАСУВААТ
„во овој момент“ - СЕГА
„остварија средба“ - СЕ СРЕТНАА
„фатален исход“ - СМРТ
„идни планови“ - ПЛАНОВИ
„во голем број случаи“ - ЧЕСТО
„во не толку далечна иднина“ - НАСКОРО
„се верува дека“ - ЈАС мислам дека
„постои причина да се верува дека“ - ЈАС мислам дека
„од големо практично значење“ - КОРИСНО
„би сакале да се заблагодариме“ - СЕ ЗАБЛАГОДАРУВАМЕ
итн.
Списокот додуша содржи и одредници кои не се само стилски туку имаат и „фројдовска“ жичка. Како на пример: „ни беше свртено внимание дека..“, чиј реален „превод“ е - „предоцна откривме“.
Но ако мислите дека ваквото скратување го промовираме како нешто многу кул сепак се лажете. Епското раскажување има своја „драж“ и каква и да е интервенција со одземање, зипување и правење на нарацијата „поефикасна“ (за која ли цел?) значи нејзино уништување. Ако е така, ај па Шехерезада нека раскажувала не 1001 туку 1 ноќ. Со свои, ама помалку зборови.