Равенката е многу едноставна: добра земја е клучна за добра храна. А добра земја започнува со дрвја.
Александар Македонски успеа да отиде до Индија но неговите предци имале променлив к'смет. Нова серија истражувања покажува дека древните Македонци биле погодени од една од најраните катастрофи на околината предизвикана од човечката активност.
Седиментни логови од дното на старите македонски езера откриваат како дрвосечата ја помогнала ерозијата што во крајна линија ги уништила капацитетите на древните Македонци да одгледуваат храна.
„Нешто прекрасно се случува кога карпите кои се создаваат во утробата на Земјата доаѓаат во контакт со воздухот и водата. Се создава глина (и други работи) што води кон создавање земја. Поради нејзината способноста да ја задржува водата и минералите, земјиштето е природна кошница за храна на растенијата и сите животни кои се хранат со нив. Зачувувањето на земјиштето е клуч за успех на многу цивилизации. Оние кои го изгубиле земјиштето, ги изела темница. Зачувувањето на земјиштето би требало да биде во центарот на нашата загриженост, иако ретко ќе слушнете нешто на таа тема во централните вести“, пишуваат Ентони Досето и Алекс Франке на влијателната научна веб платформа Phys.org.
Седиментите на Дојранското езеро раскажуваат приказна долга 12.000 години. Најважниот гео-момент датира од пред 3.500 години кога се случила масовна ерозија на земјиштето. Поленот заробен во седиментите од тоа време сугерира дека ерозијата е поврзана со масовно сечење на шумите. Во тоа време, македонското дрво било исклучително ценето за градење бродови што ја објаснува таа масовна дрвосеча.
Слична приказна открива и дното на Охридското езеро: јасни знаци за уништување на шумите и развој на земјоделството, сето тоа во крајна линија ја уништува заедницата бидејќи ја остава на немилост на ерозијата.
Кај Охридско има и еден друг интересен феномен. До пред 8.000 години, ерозијата ги следи природните климатски промени (во сушни и топли периоди ерозијата е плитка, во оние другите е пообилна). Но, тогаш дрвјата стануваат доминантна вегетација во регионот и се забележува дека кога е така, земјиштето е многу поотпорно на климатските флуктуации. Што значи, дрвјата со своите корени не само што го стабилизираат тлото туку и го прават имуно на ексцентричноста на климата.
Каузална врска не е потврдена но симптоматично е што после овие масовни ерозии предизвикани од човечката сеча на шумата, настануваат оние 250 години кои во историјата се означуваат како „мрачно (Хомерово) доба“.
„Садењето дрвја, пошумувањето и менаџирањето на шумскиот фонд не треба да биде тема само за ентузијасти туку за сите нас кои - без разлика на политичката ориентација - уживаме во јадењето“, порачуваат авторите.